📷Крстевски ја демантира Владата: Општина Кочани аплицираше за ангажман на невработени лица во противпожарните единици

од Nikola Popovski
84 прегледи

Градоначалникот на општина Кочани, Венко Крстевски ги демантира ВМРО-ДПМНЕ и Владата откако беше објавено од нивна страна во јавноста дека општината не аплицирала на јавниот повик за ангажирање на невработени лица кои ќе помогнат во справувањето со пожарите.

– Општина Кочани има аплицирано по повикот на Владата за активната мерка Јавни работи за заштита и превенција од пожари и пошумување на локално ниво – формуларот е уредно испратен – соопшти в. д. градоначалникот по прес-конференцијата на Владата на која беше истакнато спротивното. Тој притоа објави и фотографии од формуларот со кој учествува на јавниот повик.

– Ја поздравувам оваа пилот-мерка на централната власт и очекувам дека Владата ќе одобри ангажман на 23 лица за превенција од пожари на територијата на Општина Кочани со ридско-планинскиот регион, додава Крстевски, истакнувајќи ја реалната потреба од вработување на нови 15 професионални пожарникари во Територијалната противпожарна единица – Кочани.

– Исто така ја користам можноста да потсетам дека Општина Кочани веќе пет месеци чека Министерството за финансии да даде согласност за нови вработувања во новата детската градинка „Детелинки“, за коишто се планирани финансии во буџетот. Ја повикувам Владата час поскоро да ја реши неизвесноста на над 200 родители чии деца се на листата на чекање за згрижување во новата кочанска градинка, потсетува Крстевски.

Владата најави дека ќе ангажира невработени лица кои ќе помагаат во справување со пожарите.

-Мерката предвидува вклучување на 400 невработени лица кои ќе бидат ангажирани во јавни работи, со фокус на создавање на противпожарни појаси и други активности за спречување и намалување. Секој ангажиран учесник ќе добива месечна финансиска поддршка од 24 илјади денари. Сите оние кои што ќе покажат особен интерес и посветеност по одржувањето на оваа мерка, ќе бидат трајно ангажирање во институциите кои се надлежни за оваа работа, изјави денеска портпаролката на Владата, Марија Митева.

Според неа, пријавувањето на лицата ќе биде преку јавен повик, објавен од општините. Допрва ќе се утврдува на кој начин ќе биде проверена физичката активност на пријавените лица. Портпаролката изјави дека општините Струмица и Кочани не поднеле апликација.

Слични содржини