📷Откриен идентитетот на Македонецот кој загина во експлозијата во Белград

Според српските медиуми, македонскиот државјанин Мартин С. бил манекен

од Nikola Popovski
574 прегледи

Мартин Сипковски е македонски државјанин кој ја активирал експлозивната направа во станот во Белград на улицата „Косовска“ на 1 октомври, потврдиле од Српската полиција, пренесуваат српските медиуми. Како што се пишува во нивните наводи, Македонецот подготвувал експлозивна направа со голема разорна моќ наменета за ликвидација.

Според српските медиуми, македонскиот државјанин Мартин немал криминално досие.

– Утврден е идентитетот на жртвата во експлозијата на улица Косовска. Станува збор за македонскиот државјанин Мартин Сипковски (21), кој наводно бил манекен, соопштија дел од српските медиуми, објавувајќи негова фотографија.

Фото: Фејсбук

Дел од македонските медиуми за Сипковски лани објавиле дека бил поранешен ракометар на РК Вардар, по што потпишал договор со престижна модна агенција од Турција, каде што учествувал на кастинзи за повеќе модни куќи и брендови за машка мода.

Српските медиуми додаваат дека целата мрежа на криминални пресметки што е подготвена во Белград е поврзана со навивачки структури блиски до криминални групи.

Припадници на српското Министерство за внатрешни работи, по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, веќе го уапсиле Ф.В. (26) поради постоење основи на сомнение дека му го донел експлозивот на Мартин чие тело беше пронајдено по експлозијата. Осомничениот се товари за кривично дело Нелегално производство, поседување, носење и трговија со оружје и експлозивни материи. На Ф.В. му е одредена мерка притвор до 48 часа, во кое време ќе биде приведен во Вишото јавно обвинителство во Белград на сослушување.

Како што е наведено во соопштението на српското МВР, постои сомневање дека уапсениот Ф.В. ја донел бомбата на 30 септември.

– Се сомнева дека ја предал на маж кој, поради нестручно ракување, ја активирал во стан на улицата, се наведува во соопштението на полицијата.

Поради силата на детонацијата, преградните ѕидови и подот на станот биле разурнати, прозорците биле скршени, а неколку автомобили на улицата биле оштетени.