📷Почна новогодишното украсување на плоштад „Македонија“

На плоштадот „Македонија“ денеска ќе биде организирано и заедничко вклучување на светилките на елката, а предвидена е и богата програма

од Nikola Popovski
48 прегледи Фото: Локално

Половина месец пред Нова година се уште недостасува оној празничен дух, но според денешната слика, Скопје треба да блесне во новогодишен сјај, па се очекува тука да пристигне убавото расположение, кое пред се ќе го донесат дечињата. Денеска ќе биде осветлена и големата елка, а стартува и новата манифестација украсуваме по скопски со награди од најубаво украсените домови и дворови.

На плоштадот „Македонија“ денеска ќе биде организирано и заедничко вклучување на светилките на елката, а предвидена е и богата програма. Покрај елката, на плоштадот се поставени и куќарките во кои ќе се продава храна и пијалоци, а новитет годинава е и големата украсна мечка која ќе предизвика радост, особено кај најмалите.

Фото: Локално

Од утре, следуваат секојдневни активности и настани на плоштадот низ градот кои ќе траат до дочекот на Новата година.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека од 15 до 31 декември, од 18:00 часот, граѓаните ќе може да уживаат во богатата програма, диџеј-сетовите и во многуте изненадувања. Секој викенд од 12:00 до 14:00 часот ќе има содржини посветени на најмладите, за кои ќе има работилници и други активности.

Централниот дел од програмата, додаде, започнува на 27 декември, во соработка со Државната лотарија на Македонија, со настапи, празнични забави и награди, а во програмата, како што рече, ќе учествуваат и средношколски бендови од сите средни училишта во Скопје, нагласувајќи дека негова желба оваа година е сите настапи да бидат од македонски изведувачи.

Фото: Локално

-Имам само една желба оваа година, тоа е сите настапи да бидат од наши македонски изведувачи, затоа што нашите изведувачи не само што се познати дома, во Република Македонија, туку се познати и надвор од нашите граници. Најдобро е кога се тука за Нова година и кога заеднички ја прославуваме Новата година сите на плоштадот, рече Ѓорѓиевски.

Фото: Локално

Новогодишната ноќ ќе биде одбележана со настапи на македонските музички изведувачи, меѓу кои Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, Куку Леле, 2 Бона и други. За најмладите, од 27 до 30 декември се предвидени детски програми, театарски претстави, маскоти и поделба на новогодишни пакетчиња, а на 27 декември во 12 часот Дедо Мраз ќе ги пречека децата на плоштадот.

Слични содржини