📷Скопјани ја разграбаа водата: Рафтовите скоро празни по најавата за санација на дефектот

од Nikola Popovski
61 прегледи

Скопјани почнаа да ги празнат рафтовите со шишиња со вода во супермаркетите, откако беше соопштено дека повеќе од половина од главниот град од петок вечерта ќе биде без снабдување со вода поради поправка на главниот цевковод.

Во еден скопски маркет, рафтовите веќе се празни, со што граѓаните прават залихи, со оглед дека вода за пиење и хигиена нема да има додека целосно не се санира дефектот.

Во делот на маркетите, веќе ги нема големите шишињи со вода од пет литри.

Од контакт центарот на ЈП „Водовод и канализација“ информираа дека во петок, најверојатно од 22 часот, ќе започне исклучувањето на водата, но не можат да гарантираат кога точно тоа ќе се случи. Во случај на продолжен прекин, претпријатието нема официјално соопштение како ќе биде организирано снабдувањето со вода, но потсетија дека и досега цистерни со питка вода биле распоредувани за потребите на граѓаните доколку дефектите траат подолго од 24 часа.

Според официјалните информации од „Водовод“, без вода ќе бидат граѓаните од десната страна на реката Вардар, односно од „СП Планет“ во Ѓорче Петров, па кај Порта Влае, Карпош, Тафталиџе, Водно, Центар, Кисела Вода, Драчево, Пинтија, 11 Октомври, Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, Автокоманда (ниска зона), па сѐ до Зелениково и Студеничани.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити вели дека доколку има потреба Владата ќе излезе во пресрет, но дека ингеренциите за санирањето на дефектот е на „Водовод“.

-Како што излеговме во пресрет со јавниот превоз, но, мислам дека време е да покажат и докажат дека децентрализацијата треба да зајакне, а не да ургира Владата, додаде вицепремиерот и министер.

Според градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, поправката нема да трае подолго од една обична санација.

-Од „Водовод“ веќе известија иницијално. Се работи за зафат кој има сложен и оперативен план и затворање на една од главните доводни цевки на магистралниот цевковод. Се прави еднаш во 50-60 години. Континуирано веќе една деценија се одложувало санирањето. Овој дефект е еден од четирите кои ќе се санираат во текот на викендот. За истото нема да има потреба од дотур на вода. Нема да трае подолго од една редовна санација на било кој дефект. Сите оние кои што од политички или било кои побуди сакаат да креираат неизвесност или страв меѓу населението, апелирам тоа да не го прават. Службите кои што работат во градот и согласно онаа студија за состојбите во која се магистралните цевководи, покажуват дека апсолутно ќе биде завршено во едно деноноќие. Нема да биде ништо надвор од сите останати процедури што ги имаме при санација на не толку сериозни дефекти низ градот, кажа Арсовска на прес-конференција пред два дена.

Затварањето ќе биде извршено на затварач Ф1600 кој локациски се наоѓа во кругот на касарната во Ѓорче Петров, со што во моментот на отпочнување со санација неопходно е затварање на вода на главниот градски цевковод Ф1600мм. Затварање на вода на главниот градски вод Ф1600мм се прави еднаш на педесет години, а последно такво затварање било 1991/1992 година за реализација на водоводен приклучок на бунарското подрачје Лепенец.

Покрај оваа локација, од „Водовод“ велат дека ќе бидат санирани уште три дефекти на затварачи по должината на главниот цевковод и тоа на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до крстосницата на булевар Партизански одреди со улица Никола Парапунов.

Фото: Локално

Слични содржини