📷Српски политичар објави нови фотографии од возилото со кое е киднапирана Вања, најави и снимки

од Nikola Popovski
389 прегледи

Политичар од Србија објави фотографии од возилото со кое беше киднапирана убиената малата Вања Ѓорчевска. Според Срѓан Ного, на едната фотографија, која е наводно фотографирана на денот на убиството, се гледа само возилото. На втората се гледа и лик кој го управува автомобилот, а кој наликува на убиениот Панче Жежовски, па претпоставката на српскиот политичар е дека оваа фотографија е направена пред неговото убивање, односно и пред денот на грабнувањето на малата Вања.

Ного најавува дека денес на неговите канали на социјалните мрежи ќе ги објави сите снимки со кои располага како и детали за тоа кој и како го решил случајот со двојното убиство.

„Ексклузивно ги објавувам снимките од киднапирањето на Вања Ѓорчевска од 27 ноември во 07:29 часот, како и сите други снимки од киднаперот снимени од камерите. И ексклузивно објавувам видео од „киднапирањето“ на Панче Жежовски, фризер од Велес. Ќе дознаете како течела истрагата и кој всушност ги разрешил двата случаи, со нив го поврзал Љупчо Палевски Палчо и обезбедил докази за апсењето на штипјанецот Влатко Кешишев, штипјанецот Велибор Манев и Боре Видески од Велес. Очекувајте ексклузива во петок 05.01. во 16 часот. Следете ме“, пишува Ного на социјалните мрежи.

Од обвинителството велат дека нема опасност овие објави да ја загрозат истрагата за случајот.

– Јавното обвинителство ги има обезбедено сите потребни докази за утврдување на траекторијата на движењето на осомничените. Од тие причини, не постои никаква опасност за компромитација на истрагата со објава на снимки од видео надзор на објекти. Сепак, лицата кои ги објавуваат овие видео снимки, треба да размислат за етичноста на ваквите објави и вознемирувањето што го предизвикуваат кај семејствата на жртвите, стои во соопштение од Јавното обвинителство.

Како запалливиот десничар Срѓан Ного стигнал до овие снимки, дали некој му помогнал овде во таа операција е нејасно. Но ако навистина има доверливи снимки тоа би можело на одреден начин да ја компромитира целата истрага и да ја вознемири јавноста.

Љупчо Палевски-Палчо е осомничен дека бил планерот, организаторот и реализаторот на двете убиства.

Велибор Манев, Боре Видески и Влатко Кешишев се осомничени за киднапирање и убиство на двете жртви.

Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања се сомничи дека му дал информации на Палчо поврзани со времето кога неговата ќерка ја напушта зградата и оди на училиште.

Слични содржини