📷Уште не е зима, а делови од Скопје се гушат во магла и отровен воздух

Надлежните велат дека се подготвуваат за зимската сезона, иако и сега состојбата е далеку од добра

од Nikola Popovski
38 прегледи Фото: Локално

Иако температурите се уште се високи за овој период од годината и летото не е завршено, делови од Скопје утрово се разбудија во магла и загаден воздух. Во населбите Аеродром и Ново Лисиче видливоста беше намалена како во зимски услови, а вредностите на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките се искачија во црвената зона. Во воздухот сè уште се чувствува силен мирис на изгорено.

Кашлица, тешко дишење, главоболки – аерозагадувањето го загрозува здравјето на граѓаните. Министерот Азир Алиу вели, мирисот е непријатен, но според него, загаденоста не е на алармантно ниво. Надлежните велат дека се подготвуваат за зимската сезона, иако, и сега состојбата не ни е добра…

Оваа концентрација на ПМ 2,5 честички во Лисиче е 7,9 пати поголема од годишната препорачана вредност на Светската здравствена организација, пишува платформата за мерење на квалитетот на воздухот „Ај-кју ер“. Високо е и присуството на ПМ 10 честичките. Според мерењата на станицата во Лисиче во 7 часот утринава, нивното присуство во воздухот е 82,5 микрограми на кубни метри.

Фото: Локално

Депонијата Дрисла и понатаму чади, но во многу помал обем, информира утрово директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов. Тој посочи дека вчера бил затрупан дел од просторот каде што имаше чадење, а денеска активностите продолжуваат со засилено темпо откако беа завршени неколку логистички подготовки за полесен пристап до критичната точка. Ангелов нагласи дека чадењето од Дрисла не е причина за утринската магла во Скопје. Во меѓувреме, дивата депонија Вардариште е целосно изгасната и од неа повеќе нема чад.

За прашањата поврзани со загадувањето на воздухот од депонијата Дрисла, од ДЗС упатуваат да се побара официјална информација од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, на вчерашната 7-ма седница, предложи до Владата, а Влада ги усвои следниве заклучоци: забрана за движење на територија на депонијата „Вардариште“, како итна мерка во насока на справување со пожарот, а за надлежен за оваа проблематика го назначи првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.