📸 Институтот за социјална работа и социјална политика бара итни мерки за безбедност во центрите за социјална работа

од desk4
68 прегледи

По немилиот настан со физичкиот напад врз стручна работничка во Центарот за социјални работи во Прилеп, Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет во Скопје изразува длабока загриженост и ја упатува својата безрезервна поддршка до нападнатата колешка.

Во дописот испратен до Министерството за труд и социјална политика, Институтот остро го осудува насилството врз професионалците кои секојдневно работат со најранливите групи во општеството.

„Бараме итно преземање мерки за подобрување на безбедносните услови за сите вработени во центрите за социјална работа низ државата. Безбедни работни услови се основа за квалитетна и одговорна социјална заштита“, стои во дописот.

Институтот ги повикува институциите, медиумите и јавноста да дадат гласна поддршка и да придонесат кон создавање систем во кој социјалната работа ќе се почитува, а професионалците ќе бидат заштитени и вреднувани.

„Социјалната работа е професија од јавен интерес – достоинството и безбедноста на стручните работници мора да бидат приоритет!“, заклучува Институтот.