Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, преку социјалните медиуми се огласи по изјавата на премиерот Мицкоски, кој му предложи да аплицира со проекти за вториот повик од унгарскиот кредит. Во својата реакција, објавена на неговиот фејсбук профил, Костадинов истакна дека до сега Општина Струмица веќе има аплицирано со 13 проекти.
„Досега имаме аплицирано со 13 проекти. Тоа што претседателот на Владата се уште не е информиран за нашите апликации е загрижувачки, особено што надлежниот министер кој треба да го информира стои позади него“ пишува Костадинов.
Тој му се заблагодари на премиерот за дозволата да ја критикува работата на Владата, нагласувајќи дека тоа му значи многу, особено во услови кога, како што посочува, премиерот е тој што одлучува за јавниот говор. Во продолжение, Костадинов изрази загриженост поради тоа што премиерот сè уште не бил информиран за апликациите на Општина Струмица, истовремено напоменувајќи дека надлежниот министер кој е задолжен за информирање на премиерот, всушност стои позади него.
„Да му се заблагодарам на Претседателот на Владата што ми даде дозвола да ја критикувам работата на Владата. Навистина ми значи, особено во услови кога за цензура во јавниот говор токму тој одлучува“ потенцира Костадинов
Костадинов приложи и листа со сите аплицирани проекти, нагласувајќи дека тие се уште чекаат реализација.