Британската управа за стандарди за рекламирање ја забрани рекламата на Келвин Клајн со британската пејачка ФКА Твигс, тврдејќи дека е претставена како „стереотипен сексуален објект“.
На споменатата фотографија, која е дел од рекламната кампања, ФКА Твигс позира во тексас кошула која открива мал дел од едната града и страничниот дел од нејзиниот задник, со натпис „Келвин или ништо“.
Две лица се пожалиле на фотографијата, посочувајќи дека со неа се „сексуализира моделот“ на непримерен начин. И тоа беше доволно Британската управа за стандарди за рекламирање (ASA) да реагира и да ја забрани кампањата.
Организацијата тврди дека „композицијата на сликата ги фокусирала гледачите на телото на манекенката, а не на рекламираната облека“, и дека нејзините „физички карактеристики ја претставувале како стереотипен сексуален објект“.
„Затоа, констатиравме дека рекламата е неодговорна и најверојатно ќе предизвика сериозен прекршок“, се вели во нивното соопштение.
Слични реакции од публиката имаше и во март минатата година, кога Кендал Џенер позираше за истиот бренд, но споменатата организација тогаш не реагираше.
ФКА Твигс набрзо ја објави „контроверзната“ фотографија на својот Инстаграм профил и јасно напиша што мисли за забраната.
„Не се гледам себеси како стереотипен сексуален објект, како што ме нарекоа. Гледам убава и силна црна жена чие неверојатно тело преживеа незамисливи болки“, започна пејачката.
„Поминувајќи низ претходните кампањи на истиот бренд, гледам дека има некои двојни стандарди. Горда сум на своето тело и му благодарам на брендот Келвин Клајн што ми даде простор да се изразам токму онака како што сакав – нема да дозволам да се промени наративот за моето тело“, додаде таа.
Набрзо пристигна и реакција од компанијата Келвин Клајн.
„Сликите не беа вулгарни и претставуваа две самоуверени и моќни жени кои избраа да се идентификуваат со брендот Келвин Клајн, а рекламите содржеа прогресивна порака“, порачаа оттаму.