Синдикатот за култура на Македонија изразува загриженост поради неизвесноста што ја носи поместувањето на минималната плата во месец март за вработените во културата, по потпишувањето на Колективниот договор за култура. Ситуацијата предизвикува сериозни прашања во однос на почитувањето на правата на работниците, кои се чини дека повторно се ставаат на тест.
„Откако е потпишан Колективниот договор за култура во Република Македонија, секое поместување на минималната плата во месец март за вработените во културата претставува неизвесност дали ќе се почитуваат нивните права. Член 65 од Колективниот договор за култура значи усогласување на платата согласно растот на минималната плата. Дополнително, на вработените во културата веќе две години им се спорат 10% кои им следуваат согласно Општиот колективен договор за јавен сектор. Изговорите се секогаш тенденциозни, неповрзани со правото и личната желба на поединци. Очекувајќи дека со промената на политичката ситуација во Република Македонија, кога претходно секој март беше неизвесен, условите и работите ќе се променат и вработените во културата конечно ќе здивнат, повторно и овој март сме соочени со неизвесност. Институциите од културата сè уште чекаат насоки од Министерството за култура, што е неразбирливо за нас како Синдикат, имајќи ги предвид нивните ингеренции и одговорности согласно закон. Имаме сознанија дека во две институции веќе се добиени насоки каде не се почитуваат колективните договори и следствено, добиената пресметка би била пониска за 1,5% од исплатената плата за февруари“, истакнаа од Синдикатот за култура.
Синдикатот повикува на итна акција за решавање на овие проблеми и за заштита на правата на вработените во културата. Тие истакнуваат дека е неопходно сите институции и одговорни лица да се заложат за почитување на Колективниот договор и да се осигура дека вработените ќе добиваат праведна и соодветна плата.
„По тој повод, Синдикатот на културата на Република Македонија бара од директорите на институциите да ги почитуваат законите во Република Македонија и да ги спроведуваат одредбите од колективните договори. Министерството за култура, како ресорно министерство за сите вработени во културата и социјален партнер на синдикатот, треба да застане зад вработените во културата во остварувањето на нивните права од работен однос“ нагласуваат од синдикатот.
СКРМ денес испрати допис до сите институции од културата, кој го објавуваме во прилог, завршуваат од синдикатот.