📸 Трагедија во Словачка: Пожар одзеде пет животи, меѓу нив и четири деца

од Даниел Ѓорѓиевски
57 прегледи

Трагедија ја потресе Словачка откако четири деца и еден возрасен загинаа во пожар што избувна во сиромашен кварт на истокот на земјата, соопштија спасувачките служби и локалните власти.

Според првичните информации, пожарот зафатил населба во градот Велки Шариш, во близина на Прешов, околу 300 километри од главниот град Братислава. Причините за избувнувањето сè уште се истражуваат.

„Пожарот во населбата одзеде животи на четири мали деца и еден возрасен“, објави на Фејсбук градоначалникот на Велки Шариш, Вилијам Кал.

Осум колиби биле целосно уништени, а околу 30 лица се погодени од несреќата. Единаесет возрасни и седум деца биле евакуирани во локалниот центар на заедницата.

Според локалните медиуми, меѓу жртвите има и бебе. „За жал, најдовме пет безживотни тела“, изјави за AFP портпаролката на Брзата помош, Петра Климесова.

Таа додаде дека спасувачите на самото место укажале медицинска помош на девојка која претрпела акутна стресна реакција.

Доброволните пожарникари од блиското село Жупчани пристигнале на местото нешто по 22:30 часот.

„Стануваше збор за пожар во импровизирани живеалишта. За жал, додека го гасневме огнот, пронајдовме изгорени остатоци од пет лица“, соопштија тие на Фејсбук.

Властите најавија дека ќе спроведат детална истрага за причините за пожарот, додека локалните заедници веќе започнаа иницијативи за помош на погодените семејства.

Слични содржини