📸 Трендафилов го прозва, а пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Петрушевски, вели дека бил „татин син“

од Марта Пешевска
108 прегледи

На денешната јавна седница на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), првиот синдикалец и претседател на ССМ, Слободан Трендафилов, за време на својот говор пред Собранието го повика пратеникот Бране Петрушевски, прашувајќи ги присутните дали тој е на своето работно место во Собранието.

„За крај, имам лично прашање – дали Бране е на работа или не?“, потенцираше Трендафилов, алудирајќи на пратеникот Петрушевски, со кого во изминатиот период разменуваа бројни дописки и меѓусебни обвинувања преку медиумите.

На ова прашање на Трендафилов, одговор преку социјалните мрежи даде и самиот Петрушевски, кој напиша дека долго најавуваниот протест на ССМ доживеал фијаско поради малата присутност, истакнувајќи дека претставниците на Синдикатот ја загубиле довербата на работниците. Тој повторно упати критики кон ССМ, обвинувајќи го дека служи како мегафон за политички агенди.

„Еве на што го сведоа некогашниот синдикален гигант – ССМ. Долго најавуваниот протест, кој собра едвај педесетина луѓе, покажа дека овие таму насадени ‘татини синчиња’ одамна ја загубија довербата на работниците. Синдикатот треба да биде гласот на работниците, а не мегафон на политички агенди. Неговата улога е да преговара со работодавачите за подобрување на работничките права, а не да спроведува политички сценарија во режија на опозицијата. Ние продолжуваме со работа и со зголемување на сите плати, како што од денес се исплаќаат поголеми плати во здравството, образованието, полицијата и други сектори. Ова е вистинскиот начин да се унапредат правата на работниците – со конкретни резултати, а не со празни политички протести“, напиша Петрушевски.

Инаку, ССМ одржа обраќање и пред Владата, каде што првиот синдикалец Трендафилов истакна дека на јавната седница на Собранието на ССМ била донесена едногласна одлука – целата Влада и сите функционери да бидат на минимална плата.

Слични содржини