📸 Три минути молк за жртвите, силни пораки за промени – „Кој е следен?“ најавува бескомпромисна борба за системски промени

од Љубиша Владимиров
112 прегледи

Со транспарент со натпис „Системот е следен“ и пораки упатени до институциите, граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ организираше протест во Скопје, укажувајќи на потребата од суштински реформи и поголема одговорност од страна на државните органи.

Протестниот марш започна пред Владата, продолжи кон Судскиот совет и Собранието, а заврши пред Основниот кривичен суд. На секоја локација, учесниците испраќаа симболични пораки и инсистираа дека барањата што ги изнесуваат не се политички мотивирани, туку произлегуваат од реалните потреби на граѓаните.

„Не е важно кои сме, туку што бараме – ние се бориме за систем во кој жртвите нема да бидат заборавени, а институциите ќе одговараат“, порачаа од иницијативата.

Пред судот беа прочитани имињата на жртвите од неколку трагедии кои ја потресоа јавноста во последните години, вклучително и несреќата на „Партизанска“ и пожарот во Кочани. Присутните протестираа во тишина, а дел од нив држеа свеќи и фотографии од загинатите.

Преку говори и кратки изјави, организаторите ги образложија своите приоритети. Најитно, велат, бараат формирање на централен електронски систем во кој ќе се архивираат сите инспекциски надзори во угостителските објекти. Според нив, тоа ќе придонесе за транспарентност и за спречување на трагедии слични на онаа во Кочани.

„Нашата борба не е против поединци, туку против системот кој дозволува повторување на трагедии. Со ваквите механизми сакаме да го спречиме тоа. Ова не е еднократна акција – ќе продолжиме да ги доставуваме барањата до сите надлежни институции“, изјави Анастасија Митревска, претставничка на иницијативата.

Протестите започнаа по смртта на младата Фросина Кулакова, која загина на пешачки премин. Подоцна, семејството се дистанцираше од активностите на иницијативата, но организаторите продолжија со своите настапи и по трагедијата во Кочани, посочувајќи дека протестираат во име на пошироката јавност и за системски промени.

Фото: Локално

Д.Ѓ

Слични содржини