Tренерот на турскиот фудбалски клуб Фенербахче, Жозе Мурињо го помеша физиотерапевтот на Олимпик Лион со тренерот на францускиот тим Пјер Саж, напиша агенцијата Ројтерс по натпреварот помеѓу двата тима во Лига Европа.
Поранешниот менаџер на Реал, Интер, Манчестер Јунајтед, Челси и Тотенхем се упати кон француската клупа по последниот судиски свиреж, но му подаде рака на физиотерапевтот Абделјалил Редиси и наместо да му честита на Саж, го прегрна.
Изненаден од тоа што се случи, Редиси го погледна Мурињо и го насочи кон тренерот на францускиот тим. Натпреварот заврши нерешено 0-0, а во своето интервју неколку минути подоцна Португалецот го пофали својот колега.
„Фудбалот е полн со секакви сопственици и претседатели кои не разбираат ништо од играта. Сепак, овој тим на Лион е многу добар и не може да биде таков ако неговиот тренер не е на високо ниво“, изјави Мурињо, цитиран од Ројтерс.
Фенербахче моментално заостанува шест бода зад лидерот во турската фудбалска лига Галатасарај и секој натпревар е важен за португалскиот стручњак.