Игор Червински, поранешен украински олимпиец и повеќекратен европски шампион во пливање, е сериозно ранет на првата линија во борбата против руската армија.
Според соопштението на Украинската пливачка федерација, Червински бил погоден од ракета испукана од беспилотно летало додека бил на првата линија.
Тој моментално е во болница со сериозни повреди на долните екстремитети. Роден во 1981 година, Червински решил да се приклучи на украинските вооружени сили по успешна спортска кариера.
Червински освои сребро на Светското првенство во Барселона во 2003 година на 1.500 метри слободно и бронза на 800 метри слободно.
Тој беше и европски шампион во 1999 и 2000 година на 1.500 метри слободно. Тој е трикратен шампион на Универзитетските игри, второпласиран на Светското првенство во пливање на кратки патеки во 2000 година и трикратен европски јуниорски шампион во 1998 и 1999 година.
Пред војната, работел како тренер по пливање во Младинското спортско училиште „Спартак“. Минатата година, на 42-годишна возраст, и по две години воена служба, го освои украинското првенство во пливање на 5.000 метри во базен од 50 метри.