Во текот на 48 часа светот можеше да го види она што некои го нарекуваат „двојна политика“ на рускиот претседател Владимир Путин, а рускиот лидер наводно го демонстрирал на овој начин.
Имено, Путин во понеделникот беше фотографиран во Кремљ, за време на церемонијата на пречек на странските амбасадори, меѓу кои беше и новиот британски пратеник во Русија, Најџел Кејси. Путин одржа говор во кој рече дека се надева оти односите меѓу Лондон и Москва ќе се подобрат.
Она што тогаш на сите им падна во очи е дека рускиот претседател стоеше доста далеку од повеќе од 20 нови амбасадори во Русија, што многу потсети на сцените од пандемијата на коронавирус, пишува Sky News.
Според извештаите на медиумите, Путин им рекол на делегатите: „За жал, од санитарни причини повеќе не можеме да разговараме и да се дружиме. Се надевам дека ќе дојдат подобри времиња, не само во политиката, туку и во здравството и дека ќе го можеме тоа“.
Сепак, помалку од 48 часа подоцна, Путин се чини дека е помалку загрижен за „санитарните услови“ бидејќи беше фотографиран денеска во Абу Даби како се ракува со министерот за надворешни работи на ОАЕ додека тие стоеја на многу кратко растојание еден од друг.
Точно е дека Путин и Абдула бин Зајед ал Нахјан стоеја на отворено, но по слетувањето во Емиратите, Путин дозволи многу луѓе физички да му се доближат.
Се разбира, ниту една од овие фотографии не е доказ дека Путин има една политика за едни, а друга за други, но многумина забележаа дека Путин за кратко време или се повлекува или премногу се зближува со своите соговорници.