📹📷Нејмар стана играч на натпреварот во второто деби за Сантош, па го „пецна“ Ал-Хилал

од Vladimir Zorba
20 прегледи

Поранешната ѕвезда на Барселона и Пари Сен Жермен, Нејмар синоќа го имаше своето второ деби за неговиот матичен клуб Сантош. Ова се случи во домот на Ботафого СП во државното првенство на Сао Паоло, а натпреварот заврши 1:1.

Тој по паузата го замени Габриел Бонтемпо и веднаш беше во центарот на вниманието. Во вториот дел, Нејмар стана најфаулираниот играч, со пет прекршоци на противниците, а на гостите им извлече црвен картон. Тој имаше и шест удари кон голот и упати 22 додавања, од кои некои потсетуваа на неговите најдобри години. Сантош потроши неколку можности за гол, вклучително и две чисти шанси по додавањата на Нејмар, кој на крајот стана играч на натпреварот.

Инаку, Сантос го отвори резултатот пред 20.000 навивачи во Вила Белмиро кога Тикињо реализираше пенал во 38. минута. Александре Жесус израмни со глава во 67. минута.

„Знаев дека ќе покажам нешто поинаку на теренот. Теренот е единственото место каде можам да се заштитам од оваа критика, од овие коментари. Им кажав на Ал-Хилал дека сум подготвен да играм. Очигледно бев многу вознемирен од зборовите на Жесус кога рече дека не сум во иста состојба како тимот. На тренинзите покажав дека сум подготвен за игра и дека сум во иста кондиција како и другите натпреварувачи. Особено затоа што кога одржувавме групни тренинзи, јас бев тој што ги носеше одлуките, јас бев тој што ги постигнуваше головите. Имав многу тешка повреда, а потоа добив уште една повреда. Навивачите треба да имаат малку трпение“, изјави Нејмар по натпреварот.

По последниот свиреж, играчите од гостинската екипа побрзаа да се сликаат со ѕвездата.

„Овде си заминав на 21 година, го прошетав светот, испишав историја во клубовите за кои играв. Фотографирањето со противниците е почит што го добивам дома, ми треба повеќе минутажа, повеќе натпревари. Не сум 100%, но не очекував дека ќе трчам толку многу како вечерва“, изјави за новинарите Нејмар, кој се уште се опоравува од тешката повреда на коленото.

„Ќе бидам многу подобар по три, четири натпревари“, додаде тој.

Нејмар одигра 225 натпревари за Сантош за време на неговиот прв престој во клубот и постигна 138 гола, од кои многу беа клучни за освојување на шест титули во клубот. Саудиски Ал-Хилал го раскина договорот со Нејмар со заедничка согласност минатата недела, откако тој одигра само седум натпревари од септември 2023 година.

Слични содржини