📹Путин со прва посета на Чеченија по 13 години: „Сè додека имаме луѓе како тебе, ние сме непобедливи“

од Vladimir Zorba
47 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин утрово ненадејно ја посети Чеченија со цел да ги прегледа чеченските сили кои се подготвуваа да заминат на украинскиот фронт, јавуваат руските медиуми. Тоа е негова прва посета на Чеченија по 13 години.

Путин и чеченскиот воен командант Рамзан Кадиров го обиколија рускиот „Универзитет за специјални сили“ во Чеченија, каде војниците се подготвуваат да бидат испратени на линијата на фронтот во Украина, објавија руските државни медиуми. Посетата на Путин на руската република со мнозинско муслиманско население доаѓа додека Украина го продолжува својот невиден упад во руската област Курск.

„Сè додека имаме луѓе како вас, ние сме апсолутно, апсолутно непобедливи“, им рекол Путин на војниците во Чеченија, објавија руските државни медиуми.

На почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, рускиот претседател Владимир Путин тврдеше дека руските регрути нема да бидат вклучени во борбите. Како што војната влезе во третата година, Путин потпиша декрет за регрутирање на 150.000 граѓани како дел од редовната пролетна кампања за регрутирање.

Според бројни извештаи, одреден број воени регрути биле испратени во регионот Курск, а околу 250 од нив биле заробени од украинските сили, објави Вашингтон пост пред една недела, повикувајќи се на неименуваниот шеф на украинскиот затвор во кој се наоѓаат.

Мајките на регрутите го повикаа Путин да ги повлече од областа Курск, објави „Москва тајмс“ на 12 август. Петицијата, наводно, собрала повеќе од 5.000 потписи.

Апти Алаудинов, командант на чеченскиот полк Ахмат кој се бори за Русија, на 19 август рече дека руските регрути треба да одат на фронтот, а убиените во областа Курск „ќе одат во рајот“.

Вчера руското Министерство за одбрана објави дека ќе формира воени групи во регионите Белгород, Курск и Брјанск за да ги бранат населбите долж украинската граница поради упадите.

Според украинските проценки, бројот на руските жртви во текот на војната досега надмина 600.000 војници.

Слични содржини