Аргентина го совлада Бразил со 4-1 во 14. коло од јужноамериканските квалификации за Светското првенство во Буенос Аирес. Бразилските медиуми по дебаклот веднаш го отпишаа тренерот Доривал Жуниор, кој тешко го „преживува“ овој срам.
Головите за Аргентина, која играше без Лео Меси и Лаутаро Мартинез, ги постигнаа Јулијан Алварез (4.), Енцо Фернандез (12.), Алексис Мекалистер (37.) и Џулијано Симеоне (71.). Стрелец на единствениот гол за Бразил беше Матеус Куња во 26. минута.
Додека Аргентинците славеа голема победа, бразилскиот селектор Доривал Жуниор се најде на силен напад на тамошните медиуми кои бараат негова оставка.
„Притисокот е секогаш голем. Никогаш не бегам од одговорност. Свесен сум за се што претставува репрезентативната функција, за се што се случи на натпреварот. Се што планиравме за натпреварот не се случи, не беше добро од првата минута“, изјави Доривал Жуниор по натпреварот и додаде: „Морам да оддадам заслуга за играта на противничкиот тим, кој заслужено ја постигна оваа победа. Целосно не надиграа, а ние немавме ниту сила ниту волја да реагираме позитивно, да се обидеме да се вратиме во игра и по резултатот 2-1. Тоа е многу тешко да се објасни на сите нас, дури и ако ја знаеме вредноста на тим како Аргентина“.
Дали Доривал Жуниор се чувствува загрозен од отказ?
„Ова е тежок пораз кој одредува многу, морам да го признаам тоа. Имам силна верба во мојата работа и во развојот на сè што правиме овде. Ова е комплициран и тежок процес. Но, не се сомневам дека ќе го најдеме вистинскиот пат. Во сите овие години во фудбалот, ова е можеби најделикатниот момент со кој сум се соочил. Сепак, никогаш не се откажувам и секогаш наоѓав начин да одам напред. Не се сомневам дека ќе најдеме излез…“, одговори бразилскиот селектор на директно прашање за отказот.