📹Заборавениот Деле Али заигра по две години и веднаш доби црвен картон

од Vladimir Zorba
50 прегледи

Заборавениот англиски фудбалер Деле Али вечерва по пауза од две години играше на официјален натпревар, откако дебитираше во Серија А за Комо.

Комо играше на гостувањето кај Милан на Сан Сиро и беше поразен со 2:1, а Али доби црвен картон само десет минути по влегувањето во игра.

Тренерот Цеск Фабрегас го испрати Али во игра во 81. минута, кога веќе беше 2:1 за „росонерите“, а во 91. минута Англичанецот доби директен црвен картон за сериозен фаул.

Интересно, судијата го покажа црвениот картон откако ја прегледа снимката со помош на ВАР технологијата, а играчот на Милан, Кајл Вокер го молеше да не му покажува црвен картон на Али. Но залудно.

Три минути подоцна и Фабрегас беше исклучен поради протести, а Милан на крајот славеше победа со головите на Пулишиќ и Рајндерс, кои направија пресврт по голот на Да Куња за водство на Комо.

За потсетување, Али пред неколку години додека настапуваше за Тотенхем важеше за еден од најдобрите светски играчи од средниот ред, а беше и репрезентативец на Англија. За „петлите“ од Лондон одигра 269 натпревари и постигна 67 гола со 55 асистенции, а за „Гордиот Албион“ има 37 настапи и три гола.

Неговата кариера бележи нагло опаѓање и од летото 2024 година до оваа зима беше без клуб, пред да се приклучи на новиот член на елитното друштво на италијанскиот фудбал – Комо.

Слични содржини