На еден од најтажните денови во историјата на земјата и смртта на 59 сограѓани во тешката трагедија во дискотеката во Кочани, одредена група на лица организирале голем автособир со над 300 возила на паркингот кај спортскиот центар „Борис Трајковски“. Според зборовите на директорот на СЦ, Данијел Апостолоски, од дрифтањето имало десетина судари и предизвикана материјална штета. Апостолоски го пријавил случајот во полиција и порача дека ова е срамота.
-На ваков тажен ден, кога цела земја плаче по 60 загинати деца, некому текнало да организира дрифт настан со над 300 возила, а во МВР пријавиле „снимање спот”. При тоа, причинети десетина судари и штети на паркингот на СЦ „Борис Трајковски”.
Ова ниту сум го дозволил, ниту некогаш ќе го дозволам! Благодарност до МВР и ПС Карпош за брзата реакција и растерување на овие несовесни граѓани, по пријавата од мене како директор на СЦ „Борис Трајковски”. Апел до сите граѓани да ги почитуваме деновите на жалост и да се однесуваме најчовечки. Жртвите и нивните семејства заслужуваат спокој и почит, стои во објавата на Апостолоски.
Владата веќе прогласи седумдневна жалост на целата територија на државата.
Околу истрагата за трагедијата, се бара краткотраен притвор за 10 лица за кои во текот на вчерашниот ден Обвинителството собрало докази. Постои можност за продолжување на притворот, соопшти државниот обвинител Љупчо Коцевски. ЈО открило многу неправилности во дискотеката. Најавија проширување на тимот обвинители.