Кандидатот за прв човек на Општина Брвеница, Хаким Рамадани, води силна трка за вториот круг од изборите. Лично Рамадани денес заминал на скопскиот аеродром и на влезот ги пречекувал патниците кои доаѓаат од дијаспората за да ја изрази својата благодарност.
Патниците најверојатно дошле во Македонија за да може да гласаат на локалните избори во недела.
Гласањето во општина Брвеница стана еден од камењата за сопнување во владината коалиција, бидејќи Рамадани повика сите Албанци заедно да гласаат во вториот круг за него и да биде поразен кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Рамадани и претставник на ДУИ беа заедно во албанската дијаспора во Германија и агитираа тие да го дадат гласот за да биде победен македонскиот кандидат. На средба со иселеници во германскиот град Хамбург, тој рече дека „треба да се знае кој е газда на својата земја“, и дека општините како Кичево, Брвеница, Тетово и секаде каде се мнозинство Албанците, мора да ги води Албанец.
Во вториот изборен круг во Брвеница, кандидатот на ВЛЕН ќе се соочи со актуелниот градоначалник Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Уште претходно премиерот Христијан Мицкоски рече дека кандидатот за градоначалник на коалицијата ВЛЕН прво ќе ги загуби изборите, а потоа ќе биде разрешен од позицијата директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа.