Националниот парк „Шар Планина“ јавно бара поддршка и доброволни донации, откако, како што велат, во последните две недели сè почесто се бележат случаи на приближување мечки кон населени места во регионот на Паркот. Овој феномен, како што се додава, е резултат на намалени природни извори на храна во подрачјата кои се нивно природно живеалиште.
„За да се намали ризикот од несакани средби со луѓе и да се помогне за здравјето и безбедноста на овие важни жители на нашата планина, започнуваме иницијатива за симболична прихрана на мечките, на оддалечени и безбедни локации, далеку од населени места и планинарски патеки. Бараме доброволни донации на јаболка и пченка од домашно потекло, со цел хранењето да биде што е можно послично на природната исхрана на мечката (Ursus arctos), која претежно е растително базирана“, велат од Националниот парк.
Апелираат дека прифатливи се само јаболки и пченка од домашно производство, без хемиски третмани.
Се додава дека дистрибуцијата на храната ќе ја извршува нивната управа во соработка со волонтерска служба, во согласност со Програмата за заштита, одгледување и управување со дивечот (2023–2033), каде што се препорачува симболична прихрана како метод за следење и заштита на дивечот.