📽📷Воведниот гол на Барселона предизвика контроверзии: „Замрзнат кадар“ на ТВ и ВАР не се поклопуваат

од Vladimir Zorba
85 прегледи

Фудбалерите на Барселона синоќа ја совладаа Борусија Дортмунд со 4-0 во првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите и практично обезбедија пласман во полуфиналето, а првиот гол на каталонскиот тим предизвика многу полемики.

Барселона поведе во 25. минута по центаршутот на Фермин Лопез од слободен удар од десната страна.

Тој ја уфрли топката до подалечната статива, Иниго Мартинез ја спушти топката со глава до Пау Кубарси кој шутираше од пет метри и го совлада Грегор Кобел.

Сепак, пред топката да ја помине гол линијата, Рафиња се лизна и ја испрати во мрежата, а во следните две минути ВАР судиите, Денис Хиглер и Клеј Руперти ја разгледуваа ситуацијата и на крајот заклучија дека голот е легален.

Со оглед на тоа дека Лигата на шампионите користи полуавтоматска офсајд технологија, прикажаната анимација покажа дека Рафиња не бил во офсајд позиција кога Кубарси ја допрел топката.

Сепак, многумина не веруваат дека одлуката на ВАР била правилна со оглед на времето кое судиите го поминале во ВАР просторијата размислувајќи дали голот бил регуларен или не.

Полуавтоматскиот офсајд речиси во реално време ги одредува позициите на играчите на теренот и моментот кога напаѓачот има последен контакт со топката, па судиите на ВАР би можеле веднаш да донесат одлука.

Проблемот настана бидејќи „замрзнатиот“ кадар во ТВ преносот и полуавтоматската офсајд анимација не се поклопија.

Имено, на ВАР анимацијата се гледа Рафиња со левата нога на шеснаесетникот, додека на ТВ снимката е прикажан тој внатре во шеснаесетникот во моментот кога топката била шутирана, што значи дека ВАР анимацијата е направена неколку милисекунди порано.

Исто така, за многу навивачи на Борусија спорно е дека ВАР го зема Серху Гираси за последен одбранбен играч, а не Рами Бенсебаини.

Самиот Рафиња по натпреварот призна дека не е сигурен дали голот е регуларен или не.

„Бев загрижен дали сум во офсајд или не. Не бев сигурен. Му кажав на Кубарси дека ја допрев топката пред да влезам во голот и му се извинив поради тоа. Тој рече дека е среќен и поради асистенцијата“, изјави Рафиња по натпреварот.

Реваншот е закажан за 15 април во Дортмунд.

Слични содржини