Американскиот претседател Џо Бајден бил однесен на безбедно од страна на агентите на Тајната служба, откако автомобил синоќа удрил во џип кој бил дел од неговата колона, објави „Ројтерс“.
Претседателот и првата дама Џил Бајден го напуштаа неговиот изборен штаб во Вилмингтон, Делавер во неделата околу 20 часот кога се случил судирот.
Бајден застанал и изненадено погледнал во насока на судирот. И тој и првата дама се неповредени.
Автомобил со таблички од Делавер удрил во црн џип на американската тајна служба кој ја штитеше колоната на раскрсницата.
Возилото, според извештаите на медиумите, се обидело да продолжи кон затворената раскрсница пред персоналот на Тајната служба да тргне во акција и да го опколи возилото со извадени пиштоли, давајќи му упатства на возачот да ги подигне рацете.
Името на возачот не е објавено.