📽 Бугарија го објави тендерот за пругата од Ѓуешево до македонската граница, ќе се гради со европски пари

Рокот за изградба е до крајот на 2028 година, а ќе се гради со европски пари.

од desk2
65 прегледи Дел од пругата меѓу Ќустендил и Ѓуешево. Фотографија: Стоп-кадар од видео

Уште еден чекор кон целосното профункционирање на Коридорот 8 е конечно направен, по години чекање – бугарската Национална компанија „Железничка инфраструктура“ вчера го објави тендерот за изградба на преостанатите 2,4 километри од селото Ѓуешево до македонската граница, јави „Медиапул“.

Рокот за изградба е до крајот на 2028 година, а ќе се гради со европски пари, од програмата „Транспортна поврзаност 20220-2027“.

Истовремено е објавен тендер и за реконструкција на пругата меѓу Перник и Радомир, во должина од 17 километри,, која исто така е дел од Коридор 8.

За двата проекта се планирани над 576 милиони лева (близу 294 милиони евра). Изградбата на пругата од железничката станица „Ѓуешево“ ќе чини вкупно 114 милиони лева.

Крајниот рок за конкурирање на тендерот е 5 септември.

Последните 420 метри од пругата се зацртани во посебна фаза, оти нивната изградба ќе почне по пробивањето на прекуграничниот тунел, кој заедно ќе го градат Македонија и Бугарија. Договорот би требало да се потпише есенва.

На 18 јули во Брисел, Македонија и Бугарија ја потврдија својата улога во изградбата на непостоечките делници од идната железничка пруга Скопје-Софија. Состанокот беше организиран од Главна дирекција „Проширување и источно соседство“ на Европската комисија.

Пругата помеѓу двата главни града би требало да го олесни тргувањето и да го поевтини транспортот меѓу двете држави.