Холивудската ѕвезда Мет Дејмон неодамна гостуваше во програмата на Си-Ен-Ен каде зборуваше за документарниот филм Kiss the Future, кој е базиран на животите на луѓето кои живееле во Сараево за време на опсадата.
Новинарката и почесен граѓанин на Сараево, Кристијан Аманпур, на својот профил на социјалната мрежа Х објави клип од емисијата на Си-Ен-Ен каде го интервјуира Мет Дејмон, кој е и продуцент на овој документарец заедно со Бен Афлек.
Таа по тој повод ја најави премиерата на документарниот филм во САД во режија на Ненад Чичин-Шаин. Инаку, прикажувањето на филмот Kiss the Future ќе започне на 23 февруари во кината ширум САД.
„Ако сте во САД, можете да го гледате Kiss the Future во кината почнувајќи од следната недела. Тоа е прекрасен потсетник за моќта на музиката и уметноста дури и во најтемните околности“, напиша таа во описот.
„Тоа е највозбудливата приказна и навистина се работи за тоа како светлината ја победува темнината. Новиот документарен филм на продуцентот Мет Дејмон, Kiss the Future ја раскажува приказната за андерграунд музичката сцена која преживеа и напредуваше во разурнатото од војна Сараево, кулминирајќи со легендарниот концерт на U2“, додаде таа.
If you’re in the U.S., you can catch Kiss the Future in theaters from next week. It’s a wonderful reminder of the power of music and art in even the darkest of circumstances. https://t.co/Ptqfe4WpUM
— Christiane Amanpour (@amanpour) February 13, 2024
Таа разговараше со Дејмон, кој објасни како всушност дошло до тоа да продуцира филм за Сараево.
„Всушност, приказната ми беше пренесена и мислев дека е неверојатна. Дојде заедно со познавањето на режисерот на филмот, Ненад, кој зборуваше за тоа со огромна страст. Инаку, тој е од тој крај, имал лична врска со целата приказна. Знаевме дека го имаме вистинскиот раскажувач и вистинските луѓе околу проектот, па отидовме кај бендот и тие имаа снимки од тоа време, кои ни ги дадоа. Беа загрижени затоа што не сакаа да снимаме филм за нив, туку за луѓето од Сараево. Тоа е највозбудливата приказна и всушност е за тоа како светлината ја победува темнината“, наведе Дејмон.