📽 На Грета Тунберг ѝ бил одземен микрофонот поради пропалестинско скандирање

од Stefanija Kuzmanovska
202 прегледи

Говорот на Грета Тунберг на големиот климатски протест во неделата бил прекинат од маж кој упаднал на бината. Тој рекол дека „дошол овде поради климатски демонстрации, а не за политички ставови“ додека се обидувал да ѝ го одземе микрофонот на Грета Тунберг.

Непосредно пред спорниот инцидент, толпата извикуваше слогани од типот „Палестина ќе биде слободна“. За време на собирот, организаторите го прекинаа говорот на активистката поради употребата на изразот „Од река до море, Палестина ќе биде слободна“, пренесува новинската агенција „Ројтерс“.

Многу еврејски организации тврдат дека употребата на овој слоган на протестите ширум светот подразбира повик за уништување на Израел. Од друга страна, пропалестинските активисти тврдат дека повеќето луѓе кои го користат тој слоган всушност се залагаат за крај на израелската окупација на Западниот Брег и блокадата на Газа, а не за укинување на самата држава Израел.

Откако мажот бил отстранет од бината, Тунберг се придружила на толпата во скандирањата: „Нема климатска правда во окупирана земја“.

Минатиот месец, шведската активистка за климата беше на удар на критики откако сподели пораки за поддршка за Палестина на социјалните мрежи, при што некои ја обвинија дека не покажала поддршка за жртвите од нападите на Хамас врз Израел.

Слични содржини