Изборната кампања во Србија е во полн ек. Парламентарните и локалните избори се одржуваат за 10 дена, на 17 декември. Иако е претседател на државата, Александар Вучиќ е носител на коалициска листа предводена од неговата Српска напредна партија наречена: „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“. Според српските медиуми, СНС во голема мера се потпира на Вучиќ и неговиот рејтинг, кој е подобар од партискиот.
Вучиќ неуморно ја води кампањата, на сите фронтови, вклучително и на социјалните мрежи. Иако со години е присутен на Facebook, Twitter и Instagram, од минатиот месец е активен и на TikTok.
TikTok кампањата на Вучиќ
На профилот Ја сам Александар има сина значка, што укажува дека се работи за проверена сметка, а на него има голем број политички клипови. Вучиќ во првото објавено видео се фали со своите достигнувања и со се што изградил во текот на својот мандат.
Има клипови од интервјуа, емисии, гостувања на самити, но и сега веќе легендарното видео од претседателот на Србија како прави палачинки. Дел од бизарната кампања е двојникот кој разговара со Вучиќ, спортистите на кои им доделува медали и трофеи и посетата на италијанската премиерка Мелони на Србија.
Дали знаевте дека Волдеморт е Србин?
Можеби најбизарното видео е она што беше објавено вчера. Собра повеќе од милион прегледи, а во него Вучиќ гледа еден од филмовите од серијалот Хари Потер, делот со главниот негативец Лорд Волдеморт.
Камерата го зумира Волдеморт, а потоа Вучиќ се врти и прашува: „Дали знаевте дека Лорд Волдеморт е Србин?“, по што филмот повторно се зумира. Волдеморт го играше британскиот актер Ралф Фајнс, кој доби српско државјанство во 2017 година.
Објавата содржи и снимка од Фајнс како добива српски пасош и лична карта од Вучиќ.
@jasamaleksandar Ono kad lord Voldemor postane Srbin! #ralphfiennes #jasamaleksandar #harrypotter #serbia #serbianpassport ♬ original sound – Ja sam Aleksandar