📽 Русите утринава повторно го гранатираа Киев, Кличко ги соопшти деталите

од Stefanija Kuzmanovska
311 прегледи

Околу 50 лица се повредени во рускиот ракетен напад врз Киев рано утринава, соопшти воената управа на главниот град на Украина.

Шефот на управата Серхиј Попко во соопштение наведе дека е рането 51 лице, меѓу кои и шест деца.

Тој рече дека сите повредени лица се згрижени, но засега нема информации за загинати.

Според него, имало десетици случаи на паѓање на остатоци од проектили во населбата Дешњански каде од запалена зграда биле евакуирани 17 лица, меѓу кои седум деца.

Украинското воено воздухопловство соопшти дека Русија извршила напад точно во 03:00 часот по локално време (02:00 часот по средноевропско време) и испратила десет ракети во правец на Киев, кои биле соборени.

Новинарка на „Франс прес“ објави дека слушнала повеќе експлозии и сирени.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека е оштетена станбена зграда во областа Дњепровски, поради што се евакуирани 15 жители, меѓу кои четири деца и двајца инвалиди.

„Ракетата падна на теренот на една од болниците во главниот град“, изјави подоцна Кличко, наведувајќи дека едно лице е повредено.

Ова е втор руски напад врз Киев за седум дена. Во понеделникот рано наутро осум руски проектили насочени кон главниот град беа соборени од украинската противвоздушна одбрана, соопштено е во Киев. Тогаш беа повредени четири лица.

Цел на рускиот напад беше и Одеса, на југот на земјата, напиша преку Телеграм градоначалникот Генадиј Труханов. Тој додаде дека има и ранети, но не прецизираше колку.

Војската објави дека над Одеса биле соборени дронови Шахид од иранско производство.

Слични содржини