Словенечката кошаркарска ѕвезда Лука Дончиќ за прв пат им се обрати на медиумите откако премина во Лос Анџелес Лејкерс.
Дончиќ веднаш беше прашан што мисли за одлуката на Далас да го трампа за Ентони Дејвис.
„Тоа е нивна одлука и немам коментар за тоа. Не знам што направија. Апсолутно ниту една приказна дека нема да го прифатам договорот не е вистинита“, изјави Дончиќ, кој призна дека му било тешко кога дознал дека бил продаден.
„Искрено, на почетокот беше тешко, се чувствував како да помина еден месец иако поминаа само два дена. Беше многу емотивно и тешко, а денес е многу подобро и среќен сум што сум тука. Ова се Лејкерс. Еден од најдобрите тимови во историјата на кошарката“, рече Словенецот, кој рече дека сака да ја освои шампионската титула.
Дончиќ изјави и дека е изненаден, но дека со нетрпение чека да заигра за најпознатиот НБА клуб.
„Кога се разбудив, не можев да поверувам и мислев дека е 1 април. Ова се тешки моменти за мене, но имам можност да играм за најголемиот клуб во светот и мислам дека ова е одлична можност за мене“, искрено изјави Лука.
Очекувано, имаше и прашање за играњето со Леброн Џејмс.
„Остварен сон. Отсекогаш му се восхитував на Леброн и има многу што можам да научам од него. Мислам дека двајцата ќе ги подобриме нашите соиграчи, ќе им помогнеме на сите бидејќи сме исклучително интелигентни кошаркари. Возбуден сум да работиме заедно и да бидеме подобри секој ден“, рече тој.
Конечно, тој откри што му рекол Леброн кога дознал дека ќе станат соиграчи.
„Веднаш ми се јави. Беше во Њујорк и не разговаравме многу, бидејќи ми рече дека знае како се чувствувам. Беше убаво од него што веднаш ми се јави и ми посака добредојде во Лос Анџелес“, изјави Дончиќ.
Според извори блиски до Лејкерси, неговото деби би можело да биде следниот понеделник дома против Џез или два дена подоцна во Јута.