Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска денеска на прес-конференција ги соопшти мотивите за кандидатурата за градоначалничка на Општина Центар за претстојните локални избори, кои ќе се одржат на 19 октомври.
-Ќе се борам стандардот 3-33-300 да се воведе и во нашата општина. Тоа значи секој од прозор да гледа три дрвја, на секој жител да има барем 30 квадрати зеленило и секој да живее на 300 метри од парк. Ние сме далеку од тоа, но барем некако да се приближиме, нагласи Ивановска, која е поддржана од граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 398“, кои продолжуваат со собирање потписи за формирање партија.
Нејзината кампања ќе се базира на три столба – првиот столб е одговорност, отчетност и транспарентност, вториот е инклузивност, зашто секој граѓанин е важен, и третиот столб е заедништво и солидарност. Општина Центар рече таа треба да биде на граѓаните, а не на профитот.