Бразилскиот лев бек Марсело ја заврши професионалната кариера на 37 години. На крајот на минатата календарска година тој го напушти Флуминенсе, клубот во кој порасна и со видео порака го најави своето заминување.
„Мојата љубов кон фудбалот доаѓа од мојот дедо. Тој сакаше да бидам професионалец, а јас направив се за да го постигнам тоа“, започна Марсело.
Кога стана полнолетен, агентите на Реал Мадрид го однесоа во Шпанија, а „кралскиот клуб“ на клубот од Рио му плати отштета од осум милиони евра.
„Може да се каже дека сум од Мадрид. Таму основав семејство со сопругата. 16 сезони, 25 трофеи, пет ЛШ и капитенската лента и многу магични ноќи на Бернабеу… Реал Мадрид е уникатен клуб“, објасни Марсело, кој шест пати стана шпански шампион со Реал.
За бразилската репрезентација одигра 58 натпревари и постигна шест гола.
Forever grateful 💜#M12 pic.twitter.com/k8GP19sybd
— Marcelotwelve (@MarceloM12) February 6, 2025
„Да се игра за репрезентацијата од мали нозе е голема чест. Се сеќавам на два олимписки медали и Купот на конфедерации“, рече 174 сантиметри високиот дефанзивец, потиснувајќи ги спомените од Светското првенство во 2014 година во неговата родна земја, кога домашната селекција беше поразена од Германија со 1:7, а Марсело му асистираше на Оскар за утешниот гол.
Тој не го спомна ниту Олимпијакос, за кого одигра само 10 натпревари помеѓу неговиот мандат во Реал и неговото враќање во матичниот клуб.
„Со враќањето во Флуминенсе, сакав да му вратам на клубот за се што ми даде. Им помогнав да освојат три титули, вклучувајќи го и Копа Либертадорес, а тренинг центарот сега го носи моето име. Мојата играчка приказна завршува тука, но имам уште повеќе да му дадам на фудбалот“, на крајот од пораката имплицираше Марсело можна тренерска кариера.
Поради позицијата и националноста, но пред се поради квалитетот и офанзивните карактеристики, многумина го споредуваа Марсело со легендарниот Роберто Карлос.
Малкумина се оние кои не се согласуваат дека тој е најдобриот лев бек во светот кој играл во последната деценија, а доказ за тоа се бројните индивидуални награди и фактот дека тој е најодликуваниот играч во историјата на Реал.