Работник во „Форд“ и уште три лица се уапсени поради наводна вмешаност во повеќегодишна кражба што ја чинела компанијата милиони долари.
Полицијата во Дирборн, Мичиген, обвини вработен за кражба на делови и опрема од разни фабрики на „Форд“ и нивна препродажба преку интернет и на автосервиси.
Според полицијата, кражбите се случиле во текот на повеќе од две години, при што деловите биле земани директно од производствените ленти. Полицијата изврши рации во два бизниса и два дома во Детроит претходно оваа недела по повеќемесечна истрага во која беше вклучен глобалниот безбедносен тим на Форд.
Шефот на полицијата во Дирборн изјави за „Фокс 2 Детроит“ дека кога полицајците извршиле рација во еден од бизнисите во Детроит, биле спакувани сосема нови автоделови „од под до таван“.
Според „Јутарњи“, вработениот наводно украл хауби, фарови, браници, прагови и друго од три фабрики на „Форд“: фабриката за склопување во Флет Рок, комплексот „Форд Руж“ и фабриката за склопување во Мичиген. Овие фабрики произведуваат F-150, Ranger, Bronco и Mustang.
Полицијата не ги откри идентитетите на четворицата уапсени лица додека чекаат формално обвинение. Сепак, тие ќе останат во притвор дотогаш.
Не е јасно како вработениот успеал да изнесе толку големи делови од фабриката. Но, ова е втора голема кражба од фабрика за автомобили оваа година. Пред помалку од еден месец, полицијата во Индија откри повеќегодишна операција во која беа украдени повеќе од 900 мотори од фабрика на Киа. Крадците таму наводно манипулирале со фабричката документација за да ги прикријат своите злодела.