📽Рекорд: Новиот филм на Педро Алмодовар доби овации кои траеја дури 17 минути

од Vladimir Zorba
85 прегледи

Најновиот филм на шпанскиот режисер и сценарист Педро Алмодовар, драмата The Room Next Door, ја имаше својата премиера вчера на филмскиот фестивал во Венеција, каде што доби овации кои траеја дури 17 минути, што е овогодишен рекорд.

Според Variety, The Room Next Door ги победи The Brutalist, кој доби 12-минутни овации, Maria, кој доби 8-минутни овации и The Order, кој доби 7 минути овации.

The Room Next Door е првиот филм на Алмодовар на англиски јазик. Реномираниот режисер е познат по филмовите кои истражуваат сложени теми, а најновата драма не е исклучок. Главните улоги во филмот ги толкуваат Тилда Свинтон, Џулијан Мур, Џон Туртуро и Алесандро Нивола.

Филмот следи две поранешни пријателки, Ингрид (Мур) и Марта (Свинтон), кои пишувале за истото списание на почетокот на нивните кариери. Години подоцна, Ингрид, најпродавана авторка, одлучува повторно да се поврзе со Марта, воена новинарка која умира од рак на грлото на матката и сака да се подложи на евтаназија.

Алмодовар за време на прес-конференцијата, која се одржа пред филмот, откри дека The Room Next Door ја поддржува евтаназијата.

„Тоа е нешто што го цениме кај ликот на Тилда. Таа одлучува дека може да се ослободи од ракот само ако ја донесе таа одлука“, рекол режисерот, според „Холивуд репортер“.

„Ако прва стигнам таму, ракот нема да ме победи“, вели таа. „И така таа наоѓа начин да ја постигне таа цел со помош на нејзината пријателка, но тие мора да се однесуваат како криминалци. Опцијата за евтаназија треба да постои низ целиот свет“.

Филмот The Room Next Door ќе започне да се прикажува во кината на 18 октомври оваа година.

Слични содржини