10 години и пет месеци затвор за обвинетите во „Синџир“ кои признаа вина

од Nikola Popovski
598 прегледи

Пет затворски и една условна казна изрече Кривичниот суд откако шестмина обвинети во случајот „Синџир“ признаа вина за даночно затајување и перење пари. Судијката им одреди вкупна затворска казна од 10 години и пет месеци, а треба да ја надоместат и штетата што ја направиле преку незаконското работење на нивните фирми.

Дали ќе следува жалба, Обвинителството ќе процени откако ќе ја разгледа писмената верзија на пресудата и ќе види од кои причини Судот изрекол казни, близу законскиот минимум.

Во истрагата двајца се спогодија со Обвинителството и добија условни казни, а во меѓувреме еден обвинет почина. На претходното рочиште, Обвинителството за случајот „Синџир“ се спогоди со дел од обвинетите и благодарение на тоа во буџетот се вратени еден милион евра.

За оние кои не признаа вина постапката продолжува. Обвинителството е задоволно од изречените пресуди.

Истражната постапка против 26 сопственици и управители на 28 правни лица беше започната на 30 октомври 2023 година. Според содржината на диспозитивот на Обвинителниот акт обвинетите во својство на сопственици и управители на правни субјекти во периодот од 01.01.2019 година до 31.12.2021 година во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, не пресметале и не платиле данок – давачка на која биле законски обврзани. На овој начин, со намера за себе да се стекнат со противправна имотна корист, осомничените предизвикале штета на Буџетот на Р.С. Македонија во вкупен износ од 490.808.618,00 денари или 7.980.627 евра. Парични средства што ги прибавиле со казниви дела во вкупен износ од 40.046.815 денари ги пуштиле во оптег, ги примиле и извршиле пренос на истите, по што ги подигнале во готово.

Слични содржини