10 совети за преживување на карантинот

од Stefanija Kuzmanovska
350 прегледи

Сè се врти околу короната. Затоа, одморете се. Разгалете се. Направете нешто ново и направете нешто за вашата душа и тело, вели новинарот на ДВ, Александар Фројнд откако ја прележа болеста.

Насекаде само информации за короната што плашат. Страв од болеста или губење на работата. Невозможноста да се оди на патувања, во ресторани или кафулиња, на концерти или спортски настани го направи нашиот свет мал и досаден.

Ако на ова се додадат и лошите временски услови и недостаток на сонце и светлина, тогаш не е ни чудо што сето ова влијае негативно на нашето расположение.

По короната, тој дава неколку совети како подобро да се надмине таквата ситуација.

1. Уживајте во моментите

Прифатете ја ситуацијата како што е. Ништо не помага ако сте постојано лути или се плашите од инфекцијата, губење на работа или осаменост. Премногу често трчаме да ги исполниме нашите цели, без разлика дали тоа е следната деловна задача, возбудлив настан, љубовна врска или нешто сосема десетто.

Една позната изрека вели дека самата патека е целта кон постигнување на она што сте го замислиле. Покрај тоа, ние може да бидеме посреќни отколку што мислиме дека сме. Сепак, тоа можеме да го сфатиме само кога ќе ја разбудиме свеста и кога ќе почнеме да гледаме на она што во моментов не спречува како шанса да се свртиме кон себе и да живееме свесно во секој момент. Затоа што, имаме време и треба да го користиме она што го имаме.

2. Размислувајте позитивно

Постојано може да се слушне колку е важно позитивното размислување за здравјето. Исто така е познато дека оптимистите го продолжуваат животот за дури 15 проценти. Сепак, не е лесно да се размислува позитивно во такви времиња. Грижите и проблемите нè оптоваруваат.

Помага ако навечер се присетите барем три добри работи што ви се случија тој ден. Ова се мали моменти на среќа кои остануваат незабележани и се губат во стресното секојдневие: можеби некој убав разговор, добра вест или нешто што сте успеале да го остварите по долго време. Позитивните мисли го прават животот полесен и поднослив.

3. Одморете се

Без оглед каде ќе погледнете, без оглед што читате или со кого разговарате, сè се врти околу короната. Затоа, одморете се и престанете да ги следите медиумите и социјалните мрежи каде постојано се зборува за тоа.

Држете се на дистанца од луѓето што ве влечат уште подлабоко во бездната со нивниот песимизам или цинизам. Наместо тоа, свртете се кон оние кои ве охрабруваат и ве тераат да мислите на други работи. На оние кои ве прават среќни и ве смеат.

4. Придржувајте се до структурата

Короната го сврте нашиот свет наопаку. Ништо не е како што беше. Колку често бевме лути на структурираниот живот и посакувавме повеќе слободно време. Но, без овие структури, многу луѓе не знаат како да се справат. Без обврски и прецизна дефиниција за времето во кое треба да станете, да јадете, да одите на шопинг, може да се случи да излезете од колосек.

Многу луѓе поминуваат многу време дома затоа што сакаат да бидат со своето семејство или самостојно – иако тоа може да биде оптоварувачко за односите со најблиските. Затоа е важно да се држите до структурите што го дефинираат вашиот ден.

5. Движете се

Недостаток на вежбање е лошо за менталното здравје. Сите ние се движиме многу повеќе во обични времиња отколку сега. Одиме повеќе, се качуваме по скалите, трчаме да го фатиме автобусот, стоиме во ред, ги влечеме купените работи … Значи, го правиме она што повеќе или помалку престанавме да го правиме за време на „заклучувањето“.

Сега правилото е: излезете надвор и движете се! Премногу сон или време поминато во кревет има негативно влијание врз расположението и исто така може да предизвика депресија.

6. Почувствувајте ја природата

Искусете ја есента и природата во менување на боите. Искусете ги ветрот и птиците преселници. Половина час пешачење е добро, час и половина уште подобро. Искористете го секој сончев зрак. И кога врне, запомнете дека нема лошо време, само лошо облечени луѓе.

Свеж воздух во природата ќе ги избрка мрачните расположенија и грижи, ќе го расипе стресот. Движејќи се во природа, го намалувате хормонот на стресот – кортизол, се ослободувате од негативните мисли и ја зголемувате концентрацијата.

7. Разгалете ги вашето тело и душа

Разгалете ги не со чоколадо или чипс, туку со здрава храна со повеќе овошје и зеленчук од вообичаеното. Разгалете ги со свежо исцедени сокови. Но, и со релаксација, со велнес моменти за тело и душа.

Користете свеќи наместо нормална светлина. Слушајте музика наместо звук од машината за перење. Ставете смирувачки концентрат од лаванда или еукалиптус во бањата. Масирајте се со мека четка. Одвојте време за себе.

8. Изненадете се

Без посети на пријатели, без патувања, ресторани и кафулиња, без концерти и натпревари … И, ни треба промена. Затоа изненадете се. Побарајте нов рецепт за готвење или повторно составете некој оброк правејќи различна комбинација на состојки.

Променете и создадете нешто ново, дури и ако таквото јадење не е толку вкусно како она на кое сте навикнале. Слушајте различна музика, не гледајте постојано иста серија. И пред сè, не гледајте серии за лекари и болести.

9. Создадете пријатна атмосфера

На пролет, многу луѓе чувствуваат голема потреба да направат големи промени, да фрлат непотребни работи, да ги обојат ѕидовите. Тоа е еден вид ритуал на прочистување. Во еден исчистен, окречен и уреден простор, едно лице се чувствува подобро. Исто така, го подобрува заедничкиот живот.

Чистењето, а тоа е научно докажано, го намалува стресот. Многумина ја доживуваат големата промена како еден вид медитација. Во Европа, една личност поседува просечно 10.000 работи. На нив воопшто не им требаат многу од нив. Ние ги натрупуваме работите и ги чуваме од сентиментални причини. Би било добро да се ослободиме од нив, ако не ни служат.

10. Започнете нешто ново

Кога би имал време, јас би … Тоа е најчестиот изговор во светот. Сега имаме време. Можевме повторно да се занимаваме со старо хоби. Или да побарате некое ново хоби.

Ако некогаш, тогаш сега можете да направите нешто што отсекогаш сте сакале да го направите. На пример, да научите странски јазик, да свирите инструмент или да пробате јога. Можете исто така да се ангажирате за постари соседи и да им помагате при купувањето. Можете исто така да им помогнете на децата да учат. Конечно сега имаме време за тоа.

Слични содржини