Илјадници граѓани на Приштина со денови протестираат поради силувањето на 11-годишното девојче во Косово. Злосторството се случило минатата сабота кога пет лица силувале 11-годишно девојче од Приштина. Косовските медиуми јавуваат дека девојчето било силувано од 17:30 до 00:30 часот во еден од градските паркови.
Демонстрантите бараат смртна казна за силувачите, од кои четворица се малолетни.
Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла денеска соопшти дека првите информации покажуваат дека 11-годишното девојче било силувано многу подолго, односно повеќе од една година.
„Првите индиции или информации се дека оваа малолетничка била силувана повеќе од една година. Барањето го испратив директно до началникот на полицискиот инспекторат на Косово за да бидат повикани како сведоци сите инволвирани во овој случај и институциите на Косово и јавноста ќе бидат соодветно информирани за тоа што се случило и што направиле институциите, но и што поскоро да излезат со резултатот од овој исклучително тежок случај“, рече тој.
Тој додаде дека институциите не ја заштитиле жртвата, но изрази уверување дека сите пропусти ќе бидат идентификувани, а одговорните казнети.
„Во случајот се вклучени обвинителството, центрите за социјална работа, полицијата и косовската агенција за форензика. Сите досегашни информации говорат за последователните пропусти на надлежните институции прво да го заштитат овој малолетник, а потоа да утврдат што се случило , но и да се идентификуваат сторителите кои, за жал, се уште не се сите уапсени“, додаде Свечла.