Група од 11 земји на НАТО, вклучувајќи ги Велика Британија и Полска, ветија нова воена помош за Украина во нејзината борба против Русија. Одлуката доаѓа пред клучниот состанок за оружје за Киев, кој ќе се одржи утре во Германија, јавува Радио Слободна Европа.
– Западот мора да остане обединет и да продолжи да ја поддржува Украина со воена помош – изјави естонскиот министер за одбрана Хано Певкур на прес-конференција во Естонија.
Како што рече, она што најмногу и треба на Украина е тешкото оружје.
– Најтешките битки допрва следат – додаде Певкур.
Официјалните лица ветија ракети, системи за противвоздушна одбрана Стингер, противвоздушни пушки, митралези, обука, како и друга опрема и услуги.
Британскиот министер за одбрана Бен Валас изјави дека Велика Британија, која веќе најави дека планира да испрати тенкови во Украина, ќе испрати и 600 ракети Бримстоун.
Се наведува дека Полска испратила противвоздушни пушки С-60 со 70.000 парчиња муниција и е подготвена да донира тенкови Леопард 2 од германско производство.
Се очекува утре на состанокот во германската воздухопловна база Рамштајн да се разговара за испорака на тенкови Леопард. Данската влада најави дека ќе донира на Украина 19 артилериски системи хаубици „Цезар“ од француско производство.
Фото: REUTERS/Ints Kalnins/File Photo