135 работници на црвена листа на должници: Фабрика од Неготино им сопирала рати за кредит, а не ги уплаќала во банка

од Берта Китинска
456 прегледи

Поранешна голема фабрика им сопирала рати за кредит, а не ги уплаќала во банка, 135 некогашни работници се нашле на црвена листа должници.

Проблемот се провлекува веќе 17 години, заглавен во лавиринт. Ова го потврдуваат дел од некогашните вработени во неготински индустриски капацитет, кои се чувствуваат како заложници. Според нив, вкупната штета што им е нанесена, изнесува над 300 илјади евра. Грабеж е ова, коментираат. Обвинителството дека работи на случајот.

– Првпат во животот, зедов кредит од 180 илјади денари. Во септември 2003 година. Веќе во декември, од банката ми реагираа дека доцнам со исплатата на ратите. Бев информиран дека за нередовноста ми тече затезна камата. И пишав на банката дека ми се појавија проблеми во врска со исплаќањето на потрошувачкиот кредит. Дека редовно земав плата и согласно на административна забрана, фабриката ми сопираше рата за кредит, но не и плаќала на банката. Предложив да се смени начинот на плаќање на кредитот, па банката сама да си ги сопира парите врз основа на траен налог. Иако веќе го исплатив кредитот, поради тоа што фабриката не ги уплатила парите, банката се уште ме задолжуваше со основица од околу 100 илјади денари. Дека сум на своевидна црвена листа на должници, сфатив кога отидов во штедилница, со намера да и бидам жирант на колешка. Ми рекоа, не може, имаш незатворен долг. Сега, сите банки бегаат од мене, што се вели. Дури и сопругата не може да земе кредит. Треба да се разведе од мене, па да може да земе кредит, револтиран е работник, кој за МИА кажува дека има документи дека редовно му се сопирани ратите за кредит на платата.

Друго лице кое го има истиот проблем, вели дека при земањето кредити, дел од работниците потпишале договори со триста евра депозит.

-Јас и мојот брачен партнер двајцата сме во ист кош, бидејќи и двајцата бевме вработени таму. Депозитот не ни е вратен, а секој ден ни расте камата, иако ратите за враќање на кредитот ни беа сопрени. Сега сме неподобни, кредитонеспособни, било каде да тропнеме за друг кредит. Не водат во ,,ш” категорија. Случајот мора да се реши, осакатени сме. Има меѓу нас инвалиди на кои им требаат пари за лекови, невработени, греота е ова што ни го направија, некој мора да одговара за ова, ја бараме вистината и правдата.
Оштетените работници решиле да бараат правда преку надлежните државни органи. Од Обвинителство, потврдија дека бил поднесен обвинителен акт против едно раководно лице од поранешната фабрика.

– По овој предмет е поднесен обвинителен акт на 05.12.2019 година и во моментов е во фаза на одлучување по приговор против истиот. Имено, приговорот поднесен од обвинетиот е одбиен од Основен суд Велес, но поднесена е жалба до Апелацискиот суд во Скопје, по која се уште немаме добиено одлука, одговорија од Обвинителството.

Во врска со ова истражување, а заради објективност во информирањето, побаравме став и од банката со филијала во Неготино, која работниците со кои разговаравме, ја посочија како давател на кредитот.

– Во врска со Вашето прашање, Ве известуваме дека реакцијата на клиентите е резултат исклучиво на незаконитото постапување од страна на нивниот работодавач. Притоа, од таквото однесување на работодавачот директна штета трпи и Стопанска банка АД – Скопје која не ги има наплатено побарувањата по користени кредити од лица вработени кај овој работодавач, одговорија од Банката.

Во изминатиот период, нагласуваат оттаму, случајот е предмет на испитување и од страна на надлежниот јавен обвинител кој утврдува елементи на кривична одговорност.

– Искажувајќи загриженост заради ваквите појави, Банката дури и има преземено конкретни дејствија преку судска постапка против работодавачот. И покрај таквите напори, сепак изостана соодветна наплата на побарувањата заради негова инсолвентност.

Што се однесува пак до начините на обезбедување на побарувањата, дури и надлежните судови со правосилни пресуди од конкретни постапки поврзани со овој случај, се имаат произнесено дека административните забрани претставуваат инструменти за поефикасна наплата на побарувањата кои не ги ослободуваат клиентите од обврските по кредити ако нема конкретна наплата, додека пак налозите над парични влогови се прифатени како дозволени инструменти за обезбедување кои Банката не е должна да ги ослободи до целосно намирување на нејзините побарувања.

Што се однесува за можноста за измирување на обврските на индивидуална основа, несомнено секогаш имало и има можност индивидуалниот должник да пристапи во банката за измирување/регулирање на неговиот долг, стои во одговорот на прашања.

Се обидовме да стапиме во контакт и со некогашното раководно лице во поранешната фабрика, со цел обезбедување изјава во врска со проблемот од оваа новинарска сторија, но до овој момент не успеавме во тоа.

Слични содржини