15 години „Аџибадем Систина“ – Ги менуваме стандардите за медицинска грижа

од Vladimir Zorba
31 прегледи

Првата и најголема приватна клиничка болница во земјава  „Аџибадем Систина“ одбележува 15-годишен јубилеј. Отворањето на болницата на 7 април 2010 година го означи почетокот на нов интегриран пристап кон медицинската грижа. Петнаесет години од отворањето, денес „Аџибадем Систина“ претставува синоним за доверба, сигурност и квалитет, болница што ги диктира трендовите на модерната медицина во земјава во повеќе нејзини области.

„Во текот на изминатите 15 години, во болницата се извршени 205 000 хируршки интервенции, реализирани се 1 950 000 прегледи, а довербата да се лекуваат во ’Аџибадем Систина’ болницата ја добила од над 1 милион пациенти од земјата и регионот. Фокусот на успешната приказна на ’Аџибадем Систина’ се луѓето – висококвалификуваните лекари, медицинските сестри и целиот персонал, кои со својата експертиза и посветеност создаваат средина каде што секој пациент добива врвна грижа. Денес, ’Аџибадем Систина’ е здравствен гигант кој брои 1200 вработени. За здравјето на пациентите се грижи тим од 226 специјалисти од различни специјалности, 436 медицински сестри и друг средномедицински кадар, како и останатите помошни сервиси“, изјави д-р Никола Панчевски, член на Одборот на директори во „Аџибадем Систина“.

По повод големиот јубилеј, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ на своите пациенти ќе им овозможи промотивен попуст од 15% намалување на сите здравствени услуги. Попустот ќе биде валиден од 7 април, во времетраење од 15 дена.

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ПРЕРАСНА ВО РЕФЕРЕНТЕН ЦЕНТАР ЗА ТРЕТМАН НА СИТЕ БОЛЕСТИ

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ стана лидер во земјава и регионот во сите медицински дејности, а секоја од нив успеа да стане референтен центар за дијагностика и третман.

„Клиничката болница ’Аџибадем Систина’ од самиот почеток ја разви кардиохирургијата и денес со гордост можам да кажам дека нашиот центар е еден од најдобрите приватни кардиохируршки центри во Европа. Во последните четири години, имаме  објавено над 10 стручни трудови  во светски водечки кардиохируршки магазини. Покрај науката, кардиохирургијата на „Аџибадем Систина“ го започна процесот на лекување на срцева инсуфициенција, први изведовме вградување на механичко срце во земјава и на тој начин го покренавме националниот програм за трансплантација на срце“, изјави проф. д-р Александар Николиќ, шеф на Одделот за кардиохирургија.

„Во овие 15 години, ’Аџибадем Систина’ го доби статусот на најголемо и најреномирано приватно родилиште во земјава, со вкупно родени над 23 000 бебиња. Посебен акцент ставаме и на Центарот за водење на ризична бременост, со што болницата значително влијае за намалување на стапката на предвремено родени новороденчиња во земјава“, изјави д-р Гордана Петровска, шеф на Одделот за гинекологија и акушерство.

„Добрата организираност на тимот и добропоставениот систем овозможија пациентите за многу краток период да добијат прецизна дијагноза и веднаш да им биде закажан хируршкиот третман, без непотребно губење време, кое за нив е драгоцено. Денес во ’Аџибадем Систина’ работи тим од 54 искусни хирурзи, кои изведуваат од најрутински па сѐ до најкомплексни хируршки интервенции“, изјави м-р д-р Тони Јосифовски, шеф на Одделот за хирургија.

КОМПЛЕТНА ПЕДИЈАТРИСКА БОЛНИЦА СО ДЕТСКА КАРДИОХИРУРГИЈА

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ прерасна во препознатлив педијатриски центар за третман на болести кај децата од сите возрасти, со тим составен од 30 педијатри кои секојдневно се грижат за најмалите пациенти.

„Во поликлиничкиот дел годишно се изведуваат над 35 000 педијатриски прегледи и интервенции, а бележиме и бројка од над 1 000 хоспитализации годишно на болничкиот стационар. Станавме препознатливи и единствени и по комплетно уредениот Ургентен центар за деца, кој нуди педијатриска грижа 24 часа секој ден во неделата. Посебен акцент ставивме на развојниот дел, каде што отворивме Специјализиран центар за следење на деца со пречки во развојот“, изјави прим. д-р мед науки Душко Фидановски, шеф на Одделот за детски болести.

„Детската кардиохирургија во ’Аџибадем Систина’ има исто така свој јубилеј од 5 години постоење. За овој период успешно се третирани повеќе од 600 деца со срцеви аномалии. Како основоположник на детската кардиохирургија во земјава, среќен сум што во последниве 5 години, благодарение на најсовремените услови за работа, тимскиот пристап и модерната медицинска опрема, детската кардиохирургија го доживеа својот најголем подем“, изјави доц. д-р Владимир Чадиковски, шеф на Одделот за детска кардиохирургија.

СЛЕДУВААТ НОВИ ПРЕДИЗВИЦИ, ИНОВАЦИИ И РАЗВОЈ НА МЕДИЦИНАТА

Јубилејот од 15 години е големо достигнување, но во исто време и поттик за нови предизвици. Фокусот останува на понатамошен развој, проширување на медицинските услуги, вложување во човечкиот капитал и воведување иновации.
„Она на што сакам да ставам акцент е клучната улога на болницата во поддршката и развојот на младите и перспективни кадри од областа на медицината. Еднакво се вложуваме и во едукација на средномедицинскиот персонал, во насока на едукација на идните сестри и акушерки. Нашата мисија е да овозможиме едукација што ќе им помогне на идните доктори да се изградат во врвни професионалци, кои ќе бидат столб на стабилен и квалитетен здравствен систем во државата“, изјави проф. д-р Игор Кафтанџиев, медицински директор.

„Горди сме што во овие 15 години сестринството во нашата болница прерасна во бренд, а нашите процедури за работа постојано добиваат признание од највисоките структури во земјава и пошироко, за што сведочи и трипати добиениот златен печат од JCI. Профилот на медицинска сестра, техничар, акушерка израсна во вискостручна и компетентна професија, подготвена за секојдневните предизвици со кои се соочуваме во работењето и општо во медицината“, изјави Билјана Дилевска, главна медицинска сестра.

Од најновите инвестиции во медицинската технологија, во Центарот за онкологија и радиотерапија се инсталира нов револуционерен акцелератор за зрачна терапија, кој наскоро ќе биде достапен за нашите пациенти. Годинава се очекува и надградба на информатичкиот систем на болницата, кој уште повеќе ќе ја поедностави работата на медицинскиот тим и ќе овозможи побрз пристап до информации за пациентите. Во однос на идните планови, фокусот останува на понатамошен развој, проширување на медицинските услуги и вложување во нови млади кадри, кои ќе бидат иднината на болницата.

БРЕНДОТ „СИСТИНА“ 24 ГОДИНИ Е СИНОНИМ ЗА ПОСВЕТЕНОСТ И ГРИЖА

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е своевидно продолжување на брендот „Систина“, кој како специјализирана болница за гинекологија и акушерство е присутен во здравствениот сектор од 14 февруари 2001 година.

„Како дел од основачите на брендот ’Систина’, ни претставува чест што денес заедно ја согледуваме големината на болницата ’Аџибадем Систина’, чиј дел сме уште од самите почетоци. Она што ја донесе болницата на врвот се ентузијазмот, напорната работа и тимскиот пристап на секого од нас. Уште од самите почетоци, се трудевме да бидеме пионери и да ја имплементираме современата медицина. Така и продолживме, со тоа што болницата веќе зазема огромни размери, но за нас, секогаш остануваат спомените кога еден мал тим доктори ја започна идејата за нов пристап во грижата за пациентите“, изјавија д-р Слободан Лазаревски и д-р Слободан Дракулевски, кои сe дел од основачите на брендот „Систина“.

Слични содржини