Њујорк се претвори во океан од бои на виножитото, откако неколку милиони луѓе излегоа на улиците за да го прослават „WorldPride“, вклучувајќи и рекорден број на учесници во геј парадата, објавија организаторите цитирани од американските медиуми.
Геј парадата во Њујорк се смета за најголема демонстрација на ЛГБТ заедницата во светот.
Организаторите објавија дека околу 150.000 луѓе, два пати повеќе од вообичаеното, учествувале на маршот на Петтата авенија оваа година. Тие проценуваат дека повеќе од 2,5 милиони луѓе ја следеле парадата отстрана.
Настанот оваа година беше уште посимболичен, со оглед на тоа што одбележа 50-години од „Stonewall Uprising“ – настаните во њујоршки Стоунвол, кога беа поставени темелите на меѓународното движење за еднакви права на лица со различна сексуална ориентација.