Во текот на изминатата ноќ и утрово, Русија продолжи со напади со дронови врз Украина. Ваквите напади се секојдневие уште од минатата седмица.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски на седница на Штабот на врховниот командант ги прогласи Курската и Белгородската област на Русија за живи фронтовски зони.
„Окупаторите нема да се чувствуваат безбедни таму“, напиша Зеленски на Телеграм.
Тој појасни дека седницата вклучувала длабока дискусија за дроновите, односно како што рече, треба да се зголеми користењето на сите видови дронови што се ефикасни на линијата на фронтот.
Генералниот штаб на вооружените сили на Украина, пак, вчера потврди дека во масовниот украински напад со дронови врз Русија, што го оневозможи воздушниот сообраќај дури и кај Москва, е уништена и фабрика за муниција во Подмосковјето. Таму се произведувале пиротехнички производи и муниција, вклучително и термобарични боеви главни за јуришните дронови „Шахед“.