18 години независност: „Косово стои на свои нозе, но сè уште бара целосно место во меѓународната заедница, односите со Македонија се меѓу најконструктивните“

Патот е долг, но Косово премина од статусот на „најмладата земја на Балканот“ во фаза каде што од него се очекува зрелост и одговорност

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Фејсбук/Албин Курти

Украсена со знамиња на Косово и Албанија, Приштина одбележува 18 години од усвојувањето на Декларацијата за независност во Собранието на Косово. Иако Косово изгради свои институции во текот на изминатите 18 години, Привремената административна мисија на Обединетите нации – УНМИК е сè уште присутна таму, дејствувајќи според мандатот заснован на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност. Мисијата ЕУЛЕКС на Европската Унија за владеење на правото во Косово, покрената во 2008 година, работи во рамките на истата Резолуција, како и КФОР, мисија на НАТО.

Од 193 земји-членки на Обединетите нации, Косово е признато од помалку од 90 држави, а од 2017 година до денес, вкупно 28 земји го повлекле признавањето на Косово.

Од 2008 година, Косово стана членка на Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд, Европската банка за обнова и развој, Светската царинска организација, ЦЕФТА, Олимпискиот комитет и придружна членка на Парламентарното собрание на НАТО. Во јануари оваа година, се приклучи на Мировниот комитет на американскиот претседател Доналд Трамп.

Косово не е членка на Обединетите нации, Советот на Европа, OБСЕ, Интерпол… Во 2022 година, Приштина поднесе официјално барање за членство во Европската Унија, но дури и по четири години, нема добиено статус на кандидат за членство во европското семејство.

Каде беше, а каде е денес најмладата европска држава?

За косовскиот аналитичар и експерт за безбедност, Дризан Шала, официјална Приштина од својата независност претрпе длабока политичка, институционална и безбедносна трансформација. Објаснува дека во првите години од независноста, приоритетите беа стабилизација, изградба на основни државни институции и создавање безбедна средина по периодот на меѓународна администрација.

-Денес, Косово има функционални демократски институции, професионална полиција, стабилни структури за владеење на правото и јасен евроатлантски курс. Во однос на безбедноста, државата значително ги зајакна своите капацитети за справување со хибридни закани, организиран криминал и регионални безбедносни предизвици. Во споредба со почетокот на државноста, денес Косово е институционално поконсолидирано, меѓународно поинтегрирано и поспособно за управување со сопствените стратешки предизвици, вели Шала во разговор за „Локално“.

Дризан Шала/Фото: Фејсбук

Покрај прославата за годишнината од независноста, вчера во главниот косовски град се одржа и марш во поддршка на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) на кои им се суди во Хаг. Одбраните на Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи побараа ослободителна пресуда по сите точки од обвинението, наведувајќи дека нема докази што ги поткрепуваат тврдењата на Специјализираното обвинителство за воени злосторства. Главната специјална обвинителка Кимберли Вест побара казна од 45 години затвор за секој од обвинетите. Според соговорникот, јавната поддршка за поранешните припадници на ОВК е поврзана со историската и емоционалната димензија на војната за слобода.

-За многу граѓани, тој период симболизира жртва и отпор, поради што јавните реакции често се силни и симболични. Во исто време, клучно е да се нагласи важноста на почитувањето на меѓународните судски процеси и принципот на презумпција на невиност до конечната пресуда. За една демократска држава, одвојувањето на општествените емоции и функционирањето на судството е од клучно значење. На долг рок, почитувањето на меѓународната правда го зајакнува кредибилитетот на државата и односите со меѓународните партнери, потенцира Шала.

Во овој поглед неизмерно е прашањето и за соседските односи и соработката меѓу Македонија и Косово. Аналитичарот оценува дека односите се меѓу најконструктивните во регионот. Соработката вклучува политичко, економско, инфраструктурно и безбедносно ниво.

-Постои континуирана координација во управувањето со границите, борбата против организираниот криминал и зајакнувањето на економската размена. Инфраструктурните проекти и регионалните иницијативи дополнително ја продлабочуваат практичната соработка меѓу двете земји. Стратешки, двете земји ги делат евроатлантските цели, што претставува солидна основа за долгорочна стабилност и партнерство во регионот, укажува Шала.

Трката за вооружување е започната во цела Европа, па така и во Косово. Сведоци сме на соработка со големи сили, како САД и Турција, на тоа поле, што соседна Србија го гледа како закана по безбедноста на нивните граѓани. Запрашан дали сето ова наоружување на најмладата европска држава е некаква најава за идни конфликти или нормален процес на осовременување на нејзините безбедносни сили, Шала смета дека зајакнувањето на капацитетот на КБС треба да се гледа како нормален процес на трансформација во модерна и професионална сила интероперабилна со стандардите на НАТО.

-Соработката со Соединетите Американски Држави и Турција е дел од градењето на одбранбените капацитети, професионалната обука и модернизацијата на опремата. Овој процес не е најава за конфликт, туку зголемување на одвраќањето и придонес кон регионалната безбедност. Професионалните и стандардизирани одбранбени сили придонесуваат за стабилност и долгорочен мир, заклучува соговорникот.

Со слично видување е и косовскиот аналитичар Фадиљ Љепаја. Истакнува дека пред 18 години, Косово тргна по пат кој беше повеќе од политички чин – тоа беше израз на волјата на народот да живее слободно и независно. Во тоа време, државата беше сè уште во повој, со институции кои се градеа од темел и со општество кое ги носеше свежите лузни од војната.

-Денес, Косово е меѓународно признато од значителен број земји, е член на многу регионални иницијативи и има стабилни институции. Деструктивната политика на српската држава, која бара враќање кон старите патишта, без да се судат стотици криминалци кои извршиле злосторства во Косово и живеат под заштита на државата во Србија, го попречува напредокот не само на Косово, туку и на Србија и демократизацијата на Србија и европската интеграција. Сепак, Косово денес е модерна држава, а враќањето кон старите патишта е невозможно, а српската држава би си помогнала себеси и на Србите во Косово ако ги охрабри Србите од Косово да се интегрираат и да градат мостови на соработка меѓу Србите и Албанците во регионот. Сепак, предизвиците остануваат: економски развој, зајакнување на владеењето на правото, целосна интеграција и интеграција на Србите и полноправно членство во меѓународните организации. Патот е долг, но Косово се префрли од статусот на „најмладата земја на Балканот“ во фаза каде што од неа се очекуваат зрелост и одговорност, вели Љепаја во анализа за „Локално“.

Фадил Љепаја/Фото: Милот Красниќи

Соговорникот тврди дека маршевите за поддршка на Хашим Тачи и другите поранешни водачи на ОВК не се само политички чин, туку и емотивен израз на луѓето кои ги доживуваат како симболи на борбата за слобода. Објаснува дека луѓето се огорчени од фактот дека дури и по 26 години, огромното мнозинство злосторства против албанските цивили во Косово не се решени, а виновниците не се судени и казнети, а во Хаг се водат постапки против припадници на ОВК кои се бореле за слобода, и тие го гледаат како суд против една нација, а не како суд кој суди за злосторства и криминалци.

-Од друга страна, правдата мора да биде универзална и непристрасна. Ако се води процес во Хаг, тој мора да се спроведе според највисоките стандарди на меѓународното право. Поддршката на луѓето не смее да се толкува како негирање на правдата, туку како потсетник дека историјата на Косово не може да се сведе само на обвиненија, туку и на легитимна борба за слобода и дека овој суд се занимава и со злосторствата на српските паравоени сили и полицијата, смета аналитичарот.

За добрососедските односи, Љепаја посочува дека Косово и Македонија делат слична историја и предизвици. Оценува дека соработката денеска е видлива во економијата, инфраструктурата и регионалните иницијативи.

-Соседските односи се генерално добри, иако има повремени политички тензии. Но, важно е двете земји да разберат дека стабилноста и соработката се клучни за евроатлантската интеграција. Балканските земји, ако сакаат напредок, мора да градат мостови, а не ѕидови, уверува косовскиот аналитичар.

Во однос на вооружувањето, Љепаја вели дека модернизацијата на Косовските безбедносни сили (КБС) во соработка со САД и Турција е природен процес за секоја млада земја што сака да ја обезбеди својата одбрана.

-Србија го гледа тоа како закана, но во суштина станува збор за зајакнување на капацитетот на суверена држава. Секако, секое акумулирање оружје во регионот носи ризик да се толкува како подготовка за конфликт. Затоа е важно Косово јасно да соопшти дека станува збор за модернизација, а не за агресија. Безбедноста на Балканот не смее да се гради врз основа на страв, туку врз основа на доверба и меѓународни гаранции.

Денес, Косово е земја што стои на свои нозе, но сè уште бара свое целосно место во меѓународната заедница. Неговата иднина зависи од способноста да се балансира помеѓу сеќавањето на борбата за слобода и одговорноста кон демократските стандарди и регионалната стабилност. Косово е најважниот европски и демократски тест за Србија. Признавањето на Косово како сосед и зајакнувањето на соработката со него би ја доближило Србија до Европа и драстично би ја зајакнало соработката во регионот, потенцира соговорникот.

Косовскиот премиер, Албин Курти на свечената седница на Владата, посветена на 18-годишнината од прогласувањето на независноста, изјави дека државата, независноста и Уставот се нови, но дека јазикот, културата и народот на Косово се древни.

„Нашата земја е изградена и се залага за вредностите на слободата и демократијата, еднаквоста и правдата, просперитетот и инклузијата. Секој граѓанин, без оглед на јазикот, етничката припадност, религијата или потеклото, е еднаков пред законот, рече Курти.

Тој оцени дека Косово, како држава и општество, постигнало многу во текот на 18 години и го спомена зајакнувањето на владеењето на правото, економијата, меѓународните победи во спортот, уметноста и културата, безвизното патување и поднесувањето апликации за членство во Европската Унија и Советот на Европа.

Н.П.

Слични содржини