18 јапонски цреши засадени на „Максим Горки“ (ФОТО)

од Maja Serafimova
200 прегледи

Улицата „Максим Горки“ во центарот на градот, денеска доби нов дрворед од јапонски цреши. Од Општина Центар обавија дека ќе бидат засадени нови 18 висококвалитетни јапонски цреши. Новите дрва се донација од вработените во претставништвото на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Скопје.

Улицата во петокот остана без дел од дрворедот,а според информациите на надлежните, дрвјата беа отстранети бидејќи биле болни и стари.Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов изјави дека болеста на дрворедот е констатирана во 2017 година.

„Во 2017 година е констатирана болеста на дрворедот на цреши. Затоа влеговме во набавка за нови јапонски цреши, а нивниот животен век е 30-40 години. Ние за разлика од претходниците не сечеме дрва за да градиме згради, туку сериозно инвестираме во зеленилото на градот.  Знаеме дека 70 отсто од зеленилото е уништено во проектот „Скопје 2014“, истакна Шилегов.

Шилегов исто така изрази голема благодарност до канцеларијата на ЕБОР за донацијата,  и ги повика сите заинтересирани општествени компании да влезат во соработка со градот Скопје.

Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ пак не го криеше задоволството што улицата повторно ќе ја гледаме во својата стара слика.

„Ова е само еден пример како се грижиме за зеленилото во Скопје. Се надевам дека овој тренд ќе продолжи и ќе засадиме се повеќе зелени површини во иднина. Ние ќе се трудиме да на секое место каде што има простор да засадиме што повеќе зелена површина“, истакна Богдановиќ.

Шилегов потсети дека согласно законските обврски на Град Скопје во претстојниот период надлежните служби ќе работат на чистење на речното корито на Вардар со соодветна механизација, обврска која како што рече за жал во минатото не се почитувала доволно.

Фото: Борче Поповски

Слични содржини