1999 набљудувачи и новинари ќе ги следат двојните избори

од Nikola Popovski
212 прегледи

За вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8 мај акредитирани се вкупно 1999 набљудувачи, преведувачи и странски новинари. Најмногу акредитирани се домашни набљудувачи – 1078.  Изборите ќе ги следат и 770 странски набљудувачи, 66 странски новинари, а ангажирани се и 85 преведувачи.

Специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 410 набљудувачи, 14 експерти и 31 преведувач, најмногу од странските набљудувачи. Парламентарното собрание на ОБСЕ (OSCE PA) има акредитирано 138 набљудувачи, Амбасадата на Соединетите Американски држави во Скопје – 68 набљудувачи и 33 преведувачи, Парламентарното собрание на Советот на Европа – ад хок комисијата за набљудување на претседателските избори во Република Северна Македонија – 33 набљудувачи и 20 преведувачи, Иницијативата за дијалог и демократија Силба 30, Централната изборна комисија – Република Косово – 13, Европскиот парламент – 12 и други.

Домашни набљудувачи акредитирало Здружението за развој на општествено –  социјални иновации „ВАКЕ УП“ Скопје, потоа Фондација Ромите за демократија, Цивил – 82, Центарот за безбедносни истражувања – 46, Институтот за меѓународни односи и стратегии Охрид – 20, Националниот ромски центар Куманово – 14, Здружението за промоција и развој инклузива Куманово – 12 и Македонскиот центар за културен развој – еден набљудувач.

Семејно гласање, следење на бројки на гласачи и проблеми со броење на гласови во 10 отсто од избирачките места беа дел од забелешките на Мисијата за оценка на избори ОБСЕ/ОДИХР за првиот круг од претседателските избори. Поголемиот дел од нивните забелешки се однесуваат на законските недоречености и на негативната кампања на изборите.

Делегацијата на парламентарната мисија на Советот на Европа, е составена од 18 члена, од различни политички групи. Мисијата за оценка на избори со свои набљудувачи ја следи изборната кампања од 20 март со 200 краткорочни набљудувачи и 20 долгорочни, при што фокусот е на изборните комисии, медиумската содржина, работата на институциите, финансирањето на кампањата и кампањата на социјалните медиуми. Дел од нивната задача е да ја утврди и македонската усогласеност со обврските на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди, како и со националното законодавство.

Во првиот круг од претседателските избори во земјава со предност од над 180.000 гласа, води кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Гордана Сиљановска-Давкова, која во вториот круг ќе се соочи со актуелниот претседател Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ и коалицијата „За европска Македонија“ кој освои.

На полноќ финишираше изборната кампања. Партиите и во последните неколку часа ги убедуваа граѓаните да гласаат за нивната опција. Во изминатите 40 дена се изнаслушавме проекти и ветувања. Кој планира да ги зголеми платите и пензиите, да го смени Уставот, кој е за, а кој против ЕУ. Кој ќе ги врати младите во државата, а која опција ќе формира влада.

Слични содржини