216.000 Македонци имаат бугарски пасоши, тврди европратеникот Ковачев

Ковачев: „Не е лесно за колегите политичари од Македонија. Тие дури и не сакаат да слушнат за вклучување на Бугарите во Уставот, а половина од нивните семејства веќе имаат бугарско државјанство“

од Nikola Popovski
44 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/БНТ

„Не е лесно за колегите политичари од Северна Македонија. Тие дури и не сакаат да слушнат за вклучување на Бугарите во Уставот, а половина од нивните семејства веќе имаат бугарско државјанство“. Ова го напиша на својот Фејсбук профил, бугарскиот европратеник од редовите на ГЕРБ, Андреј Ковачев.

„Најважно е што ова државјанство е добиено врз основа на докажано бугарско потекло и декларација за бугарски идентитет – во која сите напишале дека нивната мајка, татко, брат и сестра се исто така Бугари. А братот или сестрата денес се пратеник, министер… или се во брак со актуелен премиер“, потенцира Ковачев.

„Тие секогаш се подготвени да го осудат „источниот сосед“, „Татарите“ и „бугарскиот фашистички окупатор“… а во исто време да кријат бугарски пасош во џебот. На крајот на краиштата… за нив не е голем проблем дали ќе влезат во ЕУ. Тие веќе се внатре – заедно со уште 216.000 македонски граѓани кои станале бугарски државјани по бугарско потекло и бугарско самоопределување. Единственото тажно е за останатите – оние кои сè уште им веруваат“, додава Ковачев во својата објава.

Коментарот е напишан по повод веста на бугарската „Нова ТВ“ со наслов: „Зошто пратеникот Миле Лефков од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ се одрекува од своите бугарски корени“.

Бугарската „Нова“ во својот текст тврди дека братот на Миле, Иван Лефков добил бугарско државјанство пред две години. Според пишувањата, тој аплицирал во тамошното Министерство за правда со лична карта поврзана со тоа кој е неговиот дедо. Во своето барање за бугарско државјанство, Иван Лефков напишал дека неговиот татко, мајка, сопруга, деца, како и неговиот брат Миле Лефков се Бугари. Тој го навел ова во 2021 година.