22 банки во Србија со профит од 68,7 милијарди динари

од desk4
129 прегледи

Бизнис  светот денеска

 

Белград – Вкупниот профит пред оданочувањето на сите 29 банки во Србија на крајот од 2017 година изнесувал 68,7 милијарди динари. Тоа е за 47,39 милијарди повеќе од крајот на претходната година, објави Народната банка на Србија (НБС). Во извештајот на НБС се наведува дека 22 банки имале профит, а седум биле во минус. Како што оцени НБС на порастот на профитабилноста на деловните банки во Србија најмногу влијаело намалување на кредитните загуби кои произлегле од лошите кредити како и консолидацијата на банкарскиот сектор односно спојувањето и припојувањето на банки по промена на сопственичка структура (1 евро изнесува  117,94 српски динари).

Берлин – Повеќе илјади работници во европските магацини на американската компанија Амазон стапија во штрајк со барање за подобри услови за работа и поголеми плати. Вчера штрајкуваа магационерите на Амазон во Германија со што им се приклучија на колегите од Шпанија и Полска кои завчера стапија во штрајк. Германскиот синдикат на работници во услужните дејности Верди свика еднодневен штрајк за да ги поддржи барањата за договори кои би гарантирале здрави работни услови во магацините на најголемата светска компанија за онлајн трговија.

Сан Франциско – Акциите на американскиот производител на автомобили Тесла нагло паднаа и тоа поради коментар на извршниот директор Илон Маск. Инвеститорите во компанијата не биле воодушевени со тоа што генералниот директор на компанијата Маск го нарече британскиот спасувач кој минатата недела учествуваше во спасувањето на децата од пештерата во Тајланд „педо“ (алудирајќи на зборот педофил). Акциите на Тесла паднаа за четири проценти односно две милијарди долари после овој коментар на Маск. Во мај акциите на Тесла претрпеа сличен пад откако Маск на прес-конференција за медиуми и инвеститори на прашањата одговараше „досадно, досадно“.

Сиетл –  Американскиот произведувач на авиони Боинг за три отсто ја зголеми својата 20-годишна проценка за глобална побарувачка на патнички и теретни авиони. На меѓународниот саем за воздухопловство во јужна Англија, Боинг ги намали проекциите за широкотрупни и патнички авиони за куси релации затоа што на тој план е интензивиран пазарниот натпревар со ривалскиот Ербас. Светските авиокомпании, според проценките на Боинг ќе мора да нарачаат околу 42.700 нови патнички авиони во вредност од 6.300 милијарди долари за да ги задоволат побарувачките во наредните две децении до 2037 година што е за околу 1.700 авиони повеќе во однос на проценката на Боинг од минатата година.

Њујорк – Голдманд Сакс ја зголеми нето добивката за 44 проценти во вториот квартал како последица на силните резултати во секторот на инвестициското банкарство и во тргувањата со производи со фиксни приходи. Нето заработувачката на петтата најголема американска банка по големина на активи порасна на 2,35 милијарди долари или 5,98 долари по акција во кварталот заклучно со 30 јуни, во однос на 1,63 милијарди долари или 3,95 долари по акција од истиот период минатата година.

Вашингтон – Американскиот компанија за производство на авиони „Боинг“ доби договор вреден 3,9 милијарди долари за два нови 747-8 авиони кои американскиот претседател ќе ги користи како „Ер форс Уан“ (Air Force 1). Авионите мора да бидат испорачани до декември 2024 година и ќе бидат во боите на американското знаме – црвена, бела и сина. Доналд Трамп изјави дека новите претседателски авиони ќе бидат “неверојатни, најубави и најдобри во светот“.