22 години од убиството на македонските бранители кај Љуботенски бачила

од Nikola Popovski
321 прегледи

Денеска се одбележуваат дваесет и две години од убиството на осуммината припадници на резервниот состав на Армијата на Република Северна Македонија, кај месноста Љуботенски Бачила.

Делегации на Армијата и на Министерството за одбрана предводени од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, цвеќе ќе положат пред спомен – обележјето на бранителот Томислав Настевски во Општината Ѓорче Петров, на споменикот на бранителите во село Волково и пред спомен – обележјата во село Љубанци.

Делегација од Министерството за одбрана и од Армијата која ќе ја предводи министерката за одбрана Славјанка Петровска ќе положат цвеќе на спомен обележјето во касарната „Илинден“.

На 10 август 2001 година воено товарно возило на патот кај месноста Љуботенски Бачила нагази на мина при што животите ги загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, припадници на резервниот состав на Армијата.

Мините биле поставени во текот на ноќта. По нагазувањето на мините, војниците на АРМ влегле во заседа, по што следела неколкучасовна престрелка со терористите на ОНА.

Слични содржини