Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување на граничниот премин кај Делчево го пречека тимот за заштита и спасување од пожари на Р. Бугарија. Пристигнати 25 пожарникари со 6 различни возила, кои ќе се упатат на критичните места опфатени со пожари на координација од ДЗС, информираа од институцијата.
Тие моментно се движат кон Пехчево на помош на домашните пожарникари, вработени во шумските стопанства, припадници на Армијата и местното население во борба со огнената стихија во Пехчевско.
Од Територијалната противпожарна единица Струмица информираат дека пред околу еден час тим од 5 пожарникари-спасители, заедно со тимови од други противпожарни единици интервенирале на гасење на големиот шумски пожар што го зафати реонот помеѓу Берово и Пехчево.
Во моментов активен е голем пожар во близина на градот Пехчево, за што сведочат објавите на социјалните мрежи. Според локалните жители пожарот се шири со голема брзина и се движи кон археолошкиот локалитет „Света Петка“ и селата Умлена и Робово.